Лабуристичкиот челник Кир Стармер, кој треба да стане нов британски премиер по општите избори одржани во четвртокот, е поранешен адвокат специјализиран за човекови права, а потоа и државен обвинител чија немилосрдна амбиција и силна работна етика го доведоа до највисоката политичка функција во Обединетото Кралство.
Шеесет иедногодишниот, именуван по основачот на лабуристите Кир Харди, Стармер е првиот лидер на опозиционата партија на левиот центар во последните децении што потекнува од вистинско работничко потекло.
„Татко ми беше производител на алатки, мајка ми беше медицинска сестра“, често им кажува Стармер на гласачите, спротивставувајќи се на портретирањето на противниците за него како олицетворение на самобендисана либерална лондонска елита.
Со седа коса и со очила со црни рамки, Стармер е енигма за многу гласачи, иако тоа не ги спречи да го испратат на Даунинг стрит бр. 10 на општите избори во четврток, по 14 години конзервативна влада и пет премиери во тој период.
Критичарите го нарекуваат неинспиративен опортунист, но поддржувачите инсистираат дека тој е менаџерски прагматик кој ќе ѝ пристапи на премиерската функција на ист начин како што ѝ пристапи на својата правна кариера: неуморно и форензички.
„Политиката мора да биде служење“, рече Стармер во неодамнешниот предизборен говор, повторувајќи ја својата мантра дека „на прво место е земјата, а на второ партијата“.
Кир Стармер и неговата сопруга Викторија, која работи за владината Национална здравствена служба (NHS), имаат две деца. Двојката има две ецца на тинејџерска возраста, девојче и момче. Тој вети дека доколку биде избран ќе ја задржи навиката да не работи по 18 часот во петок за да поминува време со нив.
Понекогаш му се чини непријатно да биде во центарот на вниманието. Посветениот навивач на лондонски Арсенал, кој влезе во политиката доцна во животот, се бореше да го промени својот имиџ во јавноста како затворена и здодевна личност. Сепак, се вели дека приватно е многу духовит.
Првите сто дена
Откако подоцна во петокот ќе го прими кралот Чарлс III. во Бакингемскиот дворец, Кир Стармер ќе оди во Даунинг стрит бр. 10, седиштето на владата, каде што ќе одржи говор и ќе се запознае со персоналот. Потоа ќе ги покани пратениците од Лабуристичката партија кои ќе бидат дел од неговата нова влада. Главните министри ќе бидат објавени во наредните часови.
Веќе во вторник новиот премиер треба да оди на самитот на НАТО во Вашингтон, кој се одржува по повод 75-годишнината од основањето на Северноатлантскиот воен сојуз. Тоа би можело да биде можност за него да се сретне со украинскиот и американскиот претседател Володимир Зеленски и Џо Бајден. Лабуристите ветија дека ќе ја задржат британската поддршка за Украина.
На 18 јули Кир Стармер ќе ги пречека европските лидери во Англија во дворецот Бленхајм, каде што е роден Винстон Черчил, на состанокот на Европската политичка заедница, организација основана во 2022 година со амбиција за зајакнување на кохезијата, соработката и дијалогот меѓу земјите од континентот откако Велика Британија истапи од Европската унија. На тој начин, Стармер ќе има шанса да го објасни своето ветување за подобрување на договорите со Европската унија по Брегзит.
Пратениците ќе положат заклетва на 9 јули, а на 17 јули говорот на кралот ќе го означи почетокот на работата на новиот парламент. Пратениците ќе заседаваат до 31 јули, кога ќе одат на летен распуст и ќе се вратат на 2 септември.
Од 22 до 25 септември во Ливерпул ќе се одржи годишниот Конгрес на Лабуристичката партија.
Кир Стармер вети дека „веднаш“ ќе се откаже од мошне контроверзниот план на неговиот претходник Риши Сунак да ги депортира мигрантите во Руанда. Вети и дека ќе го „промени“ Обединетото Кралство, по 14 години владеење на ториевците, обележани со Брегзит, кастрењаа и длабока криза на куповната моќ на Британците.
Трите приоритети на Кир Стармер се економската стабилност, намалувањето на листите на чекање за здравствена заштита и формирањето на нови гранични безбедносни сили за справување со рекордното ниво на илегална имиграција.
Новата влада треба брзо да објави поддршка за изградба на нови станови. Лабуристите ветија дека ќе изградат 1,5 милиони домови во следните пет години. Работничките права се меѓу приоритетните прашања на Лабуристите.
Кеир Стармер треба да го преземе планот на Риши Сунак да ја направи Велика Британија земја без тутун со постепено укинување на продажбата на цигари. Според планот што го претстави неговиот претходник, денешните 15-годишници никогаш не треба да можат легално да купуваат цигари.