Евровизија 2022 почнува вечерва во 21 часот, a претставниците на првите 17 земји ќе дадат се од себе за да ги освојат симпатиите на гледачите на сцената во салата „Пало Олимпико“ во Торино и со тоа да обезбедат билет за големото финале сабота.
Вечерва ќе ги гледаме претставниците на Албанија, Латвија, Литванија, Швајцарија, Словенија, Украина, Бугарија, Холандија, Молдавија, Португалија, Хрватска, Данска, Австрија, Исланд, Грција, Норвешка и Ерменија.
Во првото полуфинале ќе гласа жирито и публиката од 17 земји учеснички, како и Франција и Италија кои имаат директен пласман во финалето како дел од минатогодишниот „топ 5“.
На синоќешната генерална проба гласаше стручно жири составено од по пет музички експерти од секоја од земјите.
Откако ќе се изведат сите песни, секоја земја ќе даде два сета од 1 до 8, 10 и 12 поени; еден сет од жири од пет професионалци од музичката индустрија и еден од телевоутингот на гледачите. Гледачите можат да гласаат преку телефон, СМС и преку официјалната апликација.
Македонската претставничка, Андреа, ќе настапи на втората полуфинална вечер, на 12. мај.