
Вчеравечер, на плоштадот „Филип Втори“, свечено беше отворен првиот Меѓународен младински турнир во фудбал „Скопје Куп“ 2014. Турнирот за отворен го прогласи градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, а во Скопје во следните шест дена, гости ќе бидат околу 500 младински фудбалери, тренери и спортски работници, соопштија од Град Скопје.
„. Сведоци бевме на доминацијата на новиот светски шампион Германија на ова светско првенство, но исто така знаеме и како стасаа до својата четврта титула – со вложување огромни средства и организациски потенцијал низа години наназад, токму во работата со кадетските и младинските селекции. Оттаму, знаеме дека и нашиот фудбал ќе се крене и ќе може да биде конкурентен во европски и светски рамки токму преку организирањето на вакви масовни меѓународни турнири. Еве го стартот на еден таков турнир токму во Скопје, со надеж и верба дека ќе стане наша традиција и дека секоја наредна година на нашите терени ќе гледаме уште поголем број идни шампиони. Градот Скопје, со задоволство ќе го поддржува овој турнир и ќе се труди да биде домаќин на високо ниво и оваа седмица, но и сите наредни години.На сите учесници и на нивните фудбалски учители им посакувам среќа, добри резултати, фер“ – плеј игра и пријатен и незаборавен престој во главниот град на Република Македонија, рече градоначалникот Трајановски.
Со поддршка на Град Скопје и Фудбалската федерација на Македонија, а во организација и реализација на Здружението „Скопје куп“, ќе се одржи овој голем меѓународен младински турнир во фудбал „Скопје Куп“ 2014, во машка конкуренција за младинци од генерациите `97 и `99 и помлади.
На фудбалскиот турнир учество ќе земат 20 екипи од Македонија, Србија, Хрватска и Бугарија поделени во две категории (фудбалери родени 1997 година и помлади и 1999 година и помлади). Од македонските екипи, на овој турнир учество ќе земат Вардар-Скопје, Пелистер-Битола, Шкендија-Тетово, клубови од Охрид, Репрезентација на Град Скопје, Академија Пандев-Струмица, а од екипите од регионов силите ќе ги одмерат: Партизан Белград, ЦСКА Софија, Осиек, Војводина, Славија Софија и Реал-Ниш.