Тренинг центарот на Институтот за извоз, воспоставен во рамки на „Проектот за поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција“, кој Комората го реализира во партнерство со УСАИД, почнува со две паралелни обуки од вкупно единаесет, во рамки на двете програми, „Како да започнете со извоз на меѓународни пазари“ и „Извозен менаџмент“. Во рамки на првите две обуки „Меѓународен бизнис и меѓународни односи„ и „Анализа, пристап и модели на влез на странски пазари“, кои се реализираат бесплатно за претставниците на компаниите, интересот е исклучително голем за двете обуки, и затоа се повикуваат компаниите навремено да ги следат објавите за обуки кои ќе следат и во наредниот период. Уникатната вредност која овие обуки ја имаат за учесниците е во испорака на знаења и вештини пренесени од истакнати домашни и странски експерти – неколку претставници од академската фела и повеќето со работно искуство во приватниот сектор, со што се прави ефикасен спој на теоретски и практичен пристап во изведување на обуките.
Фокусот на Тренинг центарот е развивање на човечките ресурси во областа на надворешно-трговското работење, преку испорака на обуки и модули на теми кои се од големо значење за организирање на извозното работење. Обуките во рамки на првата програма „Како да започнете со извоз на меѓународни пазари“ е наменета за компании кои сакаат да започнат извозни активности, но немаат доволно знаења за да го направат тоа, додека втората „Извозен менаџмент“, е наменета за постојни извозници кои сакаат да го унапредат своето работење и да го прошират опсегот на земји/пазари на кои ќе ги пласираат своите производи.
Паралелно со Тренинг центарот во рамки на Институтот за извоз ќе делува уште една целина, Центар за истражувања и анализи (Аналитички центар), преку кој ќе се испорачува стручна експертиза за поддршка на компаниите и консултански услуги за подготовка на компании за настап на странски пазари, преку обезбедување на анализи кои ќе го олеснат пристапот на компаниите до информации кои влијаат врз носењето на деловни одлуки.
Согласно планот, единаесетте обуки од двете програми е планирано да се реализираат до средината на идната година согласно потребите на компаниите и расположливоста на капацитетите и паралелно да се обучат 600 лица од извозни или потецијало извозни компании. Покрај овие две обуки / модули „Меѓународен бизнис и меѓународни односи„ и „Анализа, пристап и модели на влез на странски пазари“, останатите се: Економски аспекти на меѓународниот бизнис; Дијагностика на компетенции за извоз; Маркетинг за извозна промоција; Задолжителни правила и правни аспекти при извоз; Царински постапки, меѓународен транспорт и логистика; Развивање на извозни стратегии и Водење на финансии на извозна компанија, кои вкупно во себе опфаќаат 51 тема од 11-те модули.
Стопанската комора на Северна Македонија, со креирање на Институтот за извоз и почетокот со работа на Тренинг центарот согласно концептот „Комора на иднината“, во својот фокус на работење покрај другото, ги издигнува барањата и потребите на извозно-ориентираните компании за пристап до соодветни знаења, вештини и експертиза во областа на надворешно-трговското работење. Институтот за извоз е формиран во Комората во услови на недостиг на професионално тело чии заложби ќе бидат насочени кон поддршка на градењето на кадровските капацитети на македонските извозно-ориентирани компании.
Преку проектот “Поддршка на приватниот сектор за регионална интеграција”, УСАИД ја поддржува Стопанската комора на Северна Македонија во напорите да овозможи подобра интеграција на бизнисите во регионалните и глобалните вредносни синџири и засилување на нивниот капацитет за да бидат конкурентни на Западниот Балкан и пошироко во ЕУ. Идејата е да се создадат алатки за јавно-приватен дијалог, промоција на придобивките од регионалната економска интеграција на деловната заедница, истражување и унапредување на можностите за извоз и обезбедување одржливи услуги за извозните компании.