Познатата статуа на Христос спасителот, што се издига над Рио де Жанеиро вчера ја одбележа својата 90-годишнина со миса, песна, самба и бразилски традиционални напивки. Верската свеченост, првично планирана за во подножјето на огромната статуа, се одржа во катедрала во центарот на Рио, поради лошите временски услови.
– Ние кариоките, жители на Рио, обично гледаме кон Христа, кој често се крие зад облаците, но знаеме дека е таму!, кажа архиепископот Орани Темпешта на мисата на која присуствуваше и градоначалникот Едуардо Паеш. „Пандемијата сѐ уште трае, но ние сме оптимисти покрај вакцинацијата. Минатогодишните темни облаци исчезнуваат“, додаде свештеникот.
Повеќе од 58 отсто од речиси седум милиони жители на Рио се вакцинирани против Ковид-19, боолест која однесе 600.000 животи од почетокот на пандемијата.
Пред појавата на Ковид-19, статуата висока 38 метри, поставена на ридот Корковадо, ја посетуваа околу два милиона посетители годишно. Таа не беше достапна за посети од март до август 2020 година, а и сега важат посебни корона-мерки.
Католичката црква во 1921 година распиша проглас за изградба на верски споменик по повод стогодишнината од независноста на Бразил (1822). Бразилскиот инженер Хејтор да Силва Коста победи и му посвети десет години на проектот. Пред 90-годишнината, статуата во стилот на „Арт Деко“ беше и обновена.
Споменикот беше откриен на 12 октомври 1931. Прогласен е за историски споменик во 1973 година, а 2007 година беше рангиран меѓу Седумте чуда на современиот свет. (МИA)