Ставаме посебен акцент на образованието – темелот на секое силно и напредно општество, вели Ангелова

Буџетот за 2025 година, не е само документ со финансиски план, туку одраз на силната одлучност на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, за подобра иднина и перспектива за нашите поколенија, вели Емилија Ангелова, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

-Оваа година ставаме посебен акцент на образованието – темелот на секое силно и напредно општество. Буџетот за образование е зголемен за 3 милијарди денари, со што докажуваме дека вложувањето во нашите деца, во нивниот квалитетен раст и развој, е врвен приоритет. Образованието не е трошок. Тоа е најдобрата инвестиција во иднината на нашата држава, рече таа.

Во 2025 година, сите наставници, од основното, средното и високото образование ќе земаат повисоки плати.

-Ова е заслужена награда за нивната посветеност и неуморна работа во образовниот процес. Веруваме дека повисоките плати ќе бидат мотив за уште поголема посветеност и квалитет во наставата. Годинава, министерството за образование и наука има еден од највисоките буџети за капитални инвестиции, кој е зголемен за дури 115 милиони денари во однос на 2024 година. Овие средства ќе бидат насочени кон изградба и обнова на училишта, модернизација на образовната инфраструктура и обезбедување подобри услови за нашите ученици и наставници, посочи пратеничката.

Дополнително, за првпат се воведува нова потпрограма за капитални образовни инфраструктурни проекти во општините, со вкупна вредност од 133 милиони денари.

-Ова значи изградба на нови училишта, сали, лаборатории и други објекти кои директно ќе ги подобрат условите во кои учат и се развиваат нашите деца. Нашата цел е јасна – да создадеме современ образовен систем кој ќе ги инспирира младите генерации и ќе им овозможи да ги остварат своите потенцијали. Зголемувањето на буџетот за образование, повисоките плати за наставниците и инвестициите во капиталните проекти не се само бројки. Тие се израз на нашата решителност и посветеност да го направиме образованието двигател на промените и клучен фактор за развојот на Македонија, посочи Ангелова.