Ставот за ветингот на Заев траеше само 24 часа

Громогласното еуфорично и предизборно најавување на ветингот во правосудството од страна на премиерот Зоран Заев траеше само 24 часа откако во неделата пред своите восхитени приврзаници собрани од целата земја во скопската сала „Борис Трајковски“ повика на ветинг „уште веднаш“, а во понеделникот вечерта откако беше „коригиран“ од евроамбасадорот Самуел Жбогар на владината седмица во Куманово се пишмани и рече дека мислел само на „проветрување“ во судството.

Заев во Куманово рече дека нема потреба се користи терминот ветинг во правосудството, одговарајќи на новинарско прашање за изјавата на евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој претходно во понеделникот рече дека ситуацијата во правосудството и „не е така лоша“. Премиерот кој во Куманово одржа владина седница, рече дека нема потреба да се прави ветинг како во Албанија, туку само да се прочистат, како што кажа, малкумина нечесни судии и обвинители, за кои има индиции за сериозни незаконски или ненавремени постапувања.

„Навистина не е момент за ветинг, заради тоа што ветингот ја отсликува состојбата на наша пријателска Албанија, којашто беше навистина во поразлични состојби од нашето правосудство. Но, секако не е сјајна работата во правосудството. Така да ние почнавме процес на прочистување на правосудството и не треба да користиме поимот ветинг, ако е ветинг сега треба да се подредиме позади Албанија, па да чекаме да поминеме, навистина немаме потреба. Но, за да можат да работата сите чесни судии и обвинители мора се направи прочистување на оние малкумина нечесни, со индиции сериозни за навлезеност во незаконски постапувања, ненавремени постапувања, држење предмети во фиока, поништување на предмети и враќање на почеток, застарување на предмети и сето тоа коешто претставува проблематика, со зборови на нашиот народ кажано. Очекувам дека самите институции согласно сегашната регулатива, а тоа е Законот за судски совет и Законот за судовите и Законот за антикорупција го дава, ќе си постапат по самите закони. При самото такво постапување ќе го направат прочистувањето“, изјави Заев.

Ваквото ретерирање на премиерот Зоран Заев во својот став за проветрување на македонското правосудство откако ги повика институциите „веднаш да започнат проверка на имотот на судиите и обвинителите,“ а Европската комисија да активира инструменти за мониторинг на судските случаи од висок профил, дојде откако евроамбасадорот Самуел Жбогар рече дека препораката за ветинг во судството е последна опција и оти во моментот не гледа дека има потреба за такво нешто.

„Ветингот е последната опција. За ветинг има еден предуслов, тоа е консензусот од сите политички страни, но тоа е последното решение. Во моментот не гледаме дека има потреба за такво нешто. Тоа е нашиот став, секако одлуката останува да се донесе во државата, во Македонија“, изјави евроамбасадорот Жбогар по вчерашната средба со претседателот на Уставниот суд на Република Македонија, Сали Мурати.

На новинарско прашање како ЕУ ќе одговори на барањето од премиерот Заев за поддршка за спроведување ветинг во судството, Жбогар посочи дека сѐ уште ја немал слушнато изјавата, но повтори дека ставот на ЕУ е јасен.

„Претпочитаме судството да ги искористи елементите за подобрување однатре. На крајот и не е во толку лоша состојба“, порача амбасадорот Жбогар и најави дека ќе породолжат со поддршката и информира дека за следната година планираат проект за мониторирање на случаи на висока корупција. Жбогар изрази уверување дека тоа ќе ја подобри ситуацијата судството.

А Заев во неделата порала дека „Ветинг на судиите мора да има. Мора да има ветинг и на обвинителите“

„Создадовме амбиент соодветен, донесовме закони, секој обвинител и судија да работи независно. Еве денеска имаме специјални обивнители во затвори, затоа што законот важи еднакво за сите, што беше мисловна именка пред 2 години. Но, слободата, не дозволува да застаруваа предметите ниту да нема одговорност. Баравме целосен реизбор во судството, не дозволи Европа затоа што секој треба поединечно да одговара, а сме немале ресусрс од каде да надоместиме тој дел од праводуството. Еве овде од Велес кажувам тоа што веќе беше јавно објавено: целосен ветинг во прасудството ќе има, и во судството и во обвинителството“, рече Заев