Сѐ уште нема најава кога ќе се одржи средбата меѓу премиерот и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со своите тимови. И покрај тоа, тие во јавноста веќе ги кажаа своите ставови за евроинтеграцискиот процес и за уставните измени.
Ковачевски како теми ги предложи одлуките потребни за европската интеграција на државата и за добрососедските односи, а Мицкоски ги прифати, но исто така смета дека треба да се разговара и за тоа што после неуспех на уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ исто така смета дека доколку уставните измени се неуспешни треба да се оди на есенски избори.
-Изборите во државата се дефинираат согласно закон и Устав. Претседателските избори се во втората половина на март, парламентарните избори се во втората половина на јуни. Ние постојано зборуваме за владеење на право, за почитување на закони, за владеење на демократија. Владеење на демократија и почитување на закони е одржување на избори тогаш кога им е време како што прават практично сите европски држави, изјави синоќа премиерот Ковачевски.
За најавените разговори со Мицкоски, Ковачевски кажа дека тоа се разговори за одлуки што треба да се донесат со цел остварување на стратешка цел на државата, бидејќи политичките партии и пратениците во Собранието имаат обврска и одговорност пред граѓаните да носат одлуки кои овозможуваат подобра иднина и подобар животен стандард на сегашните и на идните генерации.
-Членството во ЕУ не е цел сама за себе, членството во ЕУ е цел со која што го остваруваме она што го сакаат граѓаните. Јас неколку пати повторувам, ние сме имале поголем животен стандард и од Словачка, и од Полска и од Романија и од Бугарија и од сите земји коишто порано беа дел од Варшавскиот договор. Ние сме имале далеку поголем стандард. Денес тие држави имаат поголем стандард од нашиот. Наши граѓани одат и работат во овие држави. Тоа е единствено затоа што овие држави станаа членки на ЕУ и нивните држави се дел од заедничкиот пазар на ЕУ кој што е најголем и најбогат пазар во светот, потенцира Ковачески.
Во однос на тоа дали е оптимист дека процесот ќе биде успешен, премиерот рече дека, и лани кажал дека е рационален оптимист и оти работи целта да станеме членка на ЕУ да се оствари.
На прашањето што ако не се случат уставните измени, Ковачевски вели дека „ќе го имаме истото она што го имавме од 2006 до 2016 година“.
-Наместо интеграција ќе имаме изолација, а видовме како изгледа изолација. Без инфраструктура, заробена држава, слобода на медиуми бевме 130 место, сега сме 38 во светот, владеење на право, окарактеризирани како хибриден режим, денес медиумите за една година 19 места скок, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски информира дека за најавената лидерска средба од премиерот Ковачевски, до овој момент нема официјална покана за средба, ниту пак се знае дневниот ред или пак форматот на евентуалната средба.
Мицкоски посочи дека значајно за што би требало да се разговара на таа средба, е што по неуспехот на уставните измени, за што, како што рече, се понеизвесно е дека тие нема да се случат, затоа што пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата нема да ги поддржи.
-Она кое што е значајно да се каже, е што доколку уставните измени, кои ги предвидува владата на ДУИ поддржана од СДСМ, не поминат. Тоа е многу важно да се каже и треба да видиме каков е планот понатаму, бидејќи ние не можеме да ја заклучиме државата, не можеме да ја заклучиме Македонија и да не знаеме што доколку не успеат. А, се поверојатно е дека тие нема да успеат. Ако веќе ги најавуваат дека ќе влезат во собраниска процедура, тоа е едниот дел од планот, но доколку не успеат, а се поизвесно е дека нема да успеат бидејќи ние, како коалиција, како ВМРО-ДПМНЕ, нашата пратеничка група нема да ги поддржи. Што правиме понатаму? Мислам дека и за тоа треба да се разговара, но претходно да почекаме, да водиме кој би бил форматот, каде би било местото, времето, денот. Практично, немаме ништо освен изјави на Димитар Ковачевски во јавноста, истакна Мицкоски.