Ставрески: Економските зони отвараат нови 10.000 вработувањa

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во рамките на трибината во Демир Капија беше поканет и на гостување во ТВ Тиквешија, каде што говореше на одредени економски теми.
Запрашан за странските инвестиции, тој ја спомена како многу важна инвестиција фабриката Дрекслер маер од Кавадарци, која има моментално околу 2000 вработувања, а се очекува да вработи околу 4500 до 4800 вработени.

Ставрески се осврна на можноста за аплицирање за вработување во Дрекслермаер и од другите поблиски градови.

„Тоа е одлична шанса за сите граѓани од Демир Капија, Росоман како и од Велес. Ќе има вработувања за сите оние што имаат волја да работат и да напредуваат. Во тој случај, младите ќе можат да имаат стабилен работен ангажман, да оформат семејство и да напредуваат во животот понатака,“ потенцираше Ставрески, зборувајќи за грижата од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ за сите градови во државата.

Ставрески потенцираше и дека политиката на Владата е да донесе што повеќе странски инвестиции во сите делови на државата, за да можат да се вработат луѓе од сите градови, бидејќи, како што истакна, невработеноста се уште е проблем за некои луѓе.

Запрашан колку луѓе се вработени во економските зони, Ставрески напомена дека близу 5000 луѓе се вработени во зоните или попрецизно околу 4800. Тој додаде и дека во следната година треба да се вработат уште 5000 луѓе.

Вкупно 10 000 луѓе ќе бидат вработени во економските зони и во фабриките кои се резултат на политиките на Владата на ВМРО-ДПМНЕ за привлекување странски инвеститори и намалување на невработеноста, заклучи Ставрески во интервјуто дадеено за телевизијата „ Тиквешија“.