Ставрески: Го јакнеме системот за управување со кризи со инвестирање пет милиони долари

Покрај постојаните вложувања во зајакнување на системот за управување со кризи, вложени се и пет милиони долари, заедм од Светска банка, кои што ќе служат за креирање нов систем за осигурување и реосигурување на имотот и бизнисите во Македонија.

Ова го истакна вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески на промоција на првиот производ за осигурување од земјотрес на специјализираната компанија за реосигурување на имот од катастрофи „Европа Ре“.

„Како одговорна влада донесовме одлука да не стоиме настрана и да не чекаме, туку да дејствуваме навреме и да ги пресретнеме несаканите последици. Покрај постојаните вложувања во јакнење на системот за управување со кризи, одлучивме да вложиме конкретни средства во износ од пет милиони американски долари, заем од Светска банка кои ќе се користат за креирање на еден нов систем за осигурување и реосигурување на имотот и бизнисите во Македонија“, рече Ставрески.

Главни акционери се владите на Македонија, Србија и Албанија, а формирана е и поддржана од Светската банка, Швајцарската организација за економска соработка, Глобалното партнерство за заштита на животната средина, ЕУ и ОН.

Покрај осигурувањето од земјотрес, се најавува промоција на нов осигурителен производ од поплави, како и осигурување за земјоделските посеви.

Овој регионален проект, како што рече Ставрески, обезбедува долгорочни придобивки и сигурна финансиска заштита на имотот на граѓаните, бизнис секторот и земјоделците. Според него, ова е и можност средствата од буџетот што се одвојуваат за штети од елементарни непогоди да се заштедат и пренаменат во изградба на нови инфраструктурни објекти.

„Анализите покажуваат дека земјите од Југоисточна Европа се исклучително ранливи на поплави, суши и други појави предизвикани од климатските промени, како и на ризици од земјотреси, лизгање на земјиштето и слични елементарни непогоди“, истакна Ставрески.

Директното учество на Владата во оваа компанија дава гаранција дека ова осигурување ќе функционира на долг рок и ќе ги исполнува обврските кон граѓаните, бизнис секторот и земјоделците.

Ссекоја година од буџетот на државата се одвојуваат околу 90 милиони денари за покривање штети од елементарни непогоди што е далеку од потребните за да се покријат фактичките штети што ги трпат граѓаните, земјоделците, стопанството и целата економија како последица на елементарните и временските непогоди.