Ингеренциите на дополнителните заменици министри да не се злоупотребуваат на штета на македонското стопанство и македонските граѓани, апелираше вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Доколку се успее во тоа да не се оневозможи финансирањето на буџетот и се зајакне политичката стабилност, македонската економија ќе одговори позитивно со креирање нови работни места и нови домашни и странски инвестиции. Сето тоа ќе создаде порелаксиран амбиент за македонското стопанство во кое што растот на економијата ќе биде со најмалку предвидената стапка од четири проценти, истакна вицепремиерот Ставрески во одговорот на пратеничко прашање од пратеникот Александар Николовски за проекциите во економијата следната година.
Според Ставрески, неодамна објавените податоци од Државниот завод за статистика за растот на индустријата во третиот квартал, покажуваат дека индустријата позитивно одговорила на постепената стабилизација на политичката состојба во Македонија и оти се подобруваат состојбите во индустријата.
Со тоа се овозможува да се реализира проектираниот раст за оваа година којшто треба да биде меѓу три и 3,5 проценти. Врз тие основи е правена и проекцијата за следната година каде што очекувањата се дека политичката сосотјба ќе се стабилизира особено со завршувањето на изборите во април и оти македонската економија во периодот од мај до декември ќе има стабилни услови за работење и можност за предвидување за следните четири години за политиките во делот на економијата. Очекувањата се дека во тој дел ќе продолжат поволните политики и политиките коишто досега резултираа со добри условите за водење бизнис каде што Македонија е оценета од страна на Светска банка и Дуинг бизнис извештајот како земја која што е на 12 место во светот според најдобрите услови за водење бизнис. Тоа е посебно значајно бидејќи тој индикатор не е само гола бројка, туку покажува дека во сите сфери што се значајни за работењето на фирмите Македонија има исклучително добри услови, рече Ставрески.
Во контекс на ова, посочи, се вклопува и проектот Македонија вработува со условите за работодавачите и невработените, како и дополнителната рекламна кредитна поддршка од банките и во делот на редовното банкарско работење и во делот на поддршката што се обезбедува од Владата преку евтините кредити од Македонската банка за поддршка на развојот.
Очекувањата се дека следната година доколку се обезбеди постабилна политичка ситуација, а јас верувам дека тоа ќе се случи со завршувањето на изборите, ќе може да се оствари и повисока стапка на економски раст која што е позиционирана сега во овие околности на четири проценти. Се разбира ако се случуваат други работи, ако се прават попречувања за функционирањето на економијата како што е последното со обидот за вето на финансирањето на буџетот тоа ќе предизвика тешкотии за домашното стопанство односно ќе предизвика доцнење на поврат на ДДВ, доцнење во исплатата на фактурите за сите фирми што работат на градежни инфраструктурни проекти, доцнење во исплатата на обврските на буџетот за материјални расходи и слично, рече Ставрески.
Од тие причини, додаде, би апелирал до сите политички партии посебно до СДСМ за разумно однесување во рамки на ингеренциите што следат со законот и ингеренциите на дополнителните заменици министри да не се злоупотребуваат на штета на македонското стопанство и македонските граѓани.
Ставрески: Финансирањето на буџетот и издавањето домашни хартии од вредност е редовна активност
Тие ингеренции…
Тие ингеренции, потенцира Ставрески, се поврзани со периодот на организација на избори и со прашања поврзани со организација на избори додека финансирањето на буџетот и издавањето домашни хартии од вредност е редовна активност која што се применувала во сите изминати години, од 2004 година кога Владата на СДСМ ги водела тие аукции до ден денес, секоја година, и во изборните години и кога немало избори.
Значи се работи за вообичаен начин на работа и редовно финансирање на буџетот кое што има за цел да ги покрие временските гепови што постојат меѓу приливот на средствата во буџетот и расходите на средства кои се најголеми на почетокот на месецот кога се исплаќаат плати, пензии, социјални надоместоци, поврат на ДДВ и слично, додека приходите доаѓаат подоцна во месецот кога фирмите имаат законска обврска на 15 и 25 во месецот да ги уплатат даноците, појасни Ставрески.
Доколку се успее во тоа да не се оневозможи финансирањето на буџетот и се зајакне политичката стабилност, како што рече, македонската економија ќе одговори позитивно со креирање нови работни места, ќе има нови домашни и странски инвестиции.
Сето тоа, според вицепремерот, ќе создаде порелаксиран амбиент за македонското стопанство во кое што растот на економијата ќе биде со најмалку предвидената стапка од 4 проценти. Тоа, потенцира, им го должиме на македонските граѓани, на сите невработени и кои чекаат од нашата работа и од нашите политики да се создаде добар амбиент, да има инвестиции и нови работни места и мислам дека разумот треба да преовлада, а не тесните политички интереси.
Во тој дел и буџетот за следната година предвидува фискална консолидација, односно намалување на буџетското салдо на дефицитот од овогодинешните 3,6 проценти на 3,2 проценти и тоа е прва година во која што почнува тој процес кој е предвидено да трае и во следните години и да има натамошно намалување на буџетскиот дефицит. Сето ова ќе придонесе за натамошно одржување на нивото на долгот на РМ на ниско до умерено како што имаме предвидено во нашата среднорочна стратегија и која што беше потврдена минатата недела со последните податоци на Евростат која што покажа дека Македонија е четврта најниско задолжена држава во Европа, рече Ставрески.
Со ефикасното извршување на сите функции на буџетот и со одржување на финансирањето на буџетот во предвидените рамки и реализација на проектираните економски политики, додаде, убеден сум дека и понатаму ќе ја задржиме макроекономската стабилност, ниското ниво на задолженост и добриот бизнис амбиент што севкупно ќе резултира со добри политики и натамошно намалување на стапката на невработеност која што е значително намалена, но сеуште е висока и се уште имамем фокус на креирање нови работни места.