Ставрески: Образованието и вештините се клучни фактори за развој на секоја земја

На вториот ден од семинарот со наслов „Дигитална Европа: Младински Политики за Просперитет”, организиран од страна на Демократската Младинска заедница на Европа и Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ денес свое обраќање имаше вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

Ставрески зборуваше за мерките и активностите што Македонија ги презема за отворање на нови работни места во дигиталната сфера. Соодветното образование и вештини, кажа тој, се еден од клучните фактори за развој на секоја земја, а со тоа се зголемува и капацитетот за иновации и нови технологии.

Како земја многу инвестираме во образованието, бидејќи сметаме дека овој период на дигитална ера е период на глобални промени, се процесуираат голем број информации отворајќи нови можности и професии. Секојдневните промени целосно ја менуваат структурата на барањата за работната сила така што се зголемува побарувачката на лица кои имаат вештини и знаења за техничките науки, рече Ставрески, пренесе МИА.

За да излезе во пресрет на овие барања, како што потенцира Ставрески, Владата на Република Македонија направи серија реформи во образовниот систем со цел, најнапред да го зголеми бројот на образовни институции за подобрување на знаењата и вештините на работната сила и пристапот до повисоко образование, како и да се поттикне студирањето на факултетите за технички науки. Меѓу активностите се преводите на 1.000 книги што се најчесто се користат на најдобро рангираните универзитети во светот, а основан е и иновациски фонд.

Вицепремиерот ги запозна учесниците со мерките што Македонија ги презема од 2006 година наваму, имајќи ја предвид и економската кризата, за намалување на невработеноста од 38 отсто во 2005 на 26 отсто во 2015, за овозможување добро бизнис опкружување и привлекување странски инвестиции. Со зголемувањето на бројот на странски инвестициии во Македонија, како што посочи Ставрески, се зголеми и извозот на земјата на 4 милијарди евра од кои 1,5 милијарди се од компаниите што се странски инвеститори во земјата.