Ставрески: Отворањето работни места и намалување на невработеноста се клучната цел на Владата

Успеавме да ја сочуваме здрава македонската економија во време на светската и европската криза, кога многу посилни економии паднаа на колена, истакна вицепермиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во вестите на Сител телевизија.

„Македонија имаше раст минатата година, кој што е четврти највисок во Европа и во изминатите 2010, 2011 година меѓу највисоките стапки на економски раст во Европа. Тоа се направи преку добри и квалитетни политики, прво макро економската стабилност, Македонија има ниска инфлација и четврт најмал државен долг во Европа, преку стабилност на фискалниот сектор, низок буџетски дефицит, но и добра координација меѓу монетарната и фискалната политика и одржување на најниски даноци во Европа“, рече Ставрески.

Според него, тоа е клучно бидејќи на тој начин домашните стопанственици ја искористиле шансата со ослободувањето на добивката од плаќање на данок да реинвестираат и да отворат нови работни места.

„Покрај тоа за странските инвеститори во слободните зони кои ги градевме и сеуште ги градиме се овозможија најдобри можни услови за да и тие дојдат и да се креираат оние 13.000 работни места што ги има во зоните засега, а очекуваме и има најава за многу нови странски инвестиции“, посочи тој.

Сето тоа, како што нагласи вицепремиерот Ставрески, ја направи Македонија добра бизнис дестинација и Македонија, посочи, според Светска банка се наоѓа на 25 место во светот и четири пати по ред е прогласена за најдобар реформатор.

Тој потенцираше дека работните места и намалувањето на невработеноста, а преку тоа и подобрување на животниот стандард се клучната цел на Владата.

„Преку роуд-шоута, преку бизнис форуми, преку директни средби со првите луѓе на многу компании успеваме се повеќе да го зголемиме бројот на странски инвестиции во Македонија, тие доаѓаат со многу современа технологија, веќе Македонија извезува многу напредни производи, преку 25 отсто од извозот излегува токму од овие фирми, креираат работни места, а ќе повлечат и други помали фирми, бидејќи кога тие гледаат дека вакви глобални светски фирми инвестирале во Македонија и втор пат и трет пат некои решаваат повторно да вложат во Македонија, тоа им покажува дека во оваа земја има добра бизнис клима, стабилна Влада и стабилни економски услови за работење“, истакна Ставрески.

За време на гостувањето Ставрески истакна дека веќе се подготува програмата на ВМРО-ДПМНЕ за престојните избори со добар и квалитетен тим на експерти од сите области.