
Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески зема учество во регионалната министерска конференција „Зајакнување на соработката, надминување на економските предизвици и соработка во борбата против сивата економија”, која се одржува денеска во Приштина. Домаќин на конференцијата е премиерот на Косово Хашим Тачи, кој се обрати на почетокот на конференцијата.
Вицепремиерот Ставрески зборуваше на панелот „Улогата на регионалната соработка во борбата против сивата економија”, во кој учествуваа и министрите за финансии на Црна Гора Радоје Жугиќ, на Албанија Шкелким Цани и министерот за финансии на Косово Бесим Беќај.
На конференцијата земаа учество и директорите на управите за јавни приходи и царините од регионот, вклучително и директорот на Управата за јавни приходи на Македонија Горан Трајковски и директорката на Царинската управа на Република Македонија Наташа Радевска Крстевска.
Оваа конференција е можност на највисоко ниво да се зборува за предизвиците кои ги наметнува сивата економија и да се договорат моделите за регионална соработка во иднина.