Американската влада нема да ја намали испораката на оружје за Израел, соопшти во вторникот Стејт департментот, бидејќи истекува рокот што Вашингтон му го постави на Израел да ја зголеми хуманитарната помош за Појасот Газа.
„Не проценивме дека тие го прекршуваат американскиот закон. Сепак, ќе продолжиме да ја набљудуваме и внимателно да го следиме тој простор“, рече портпаролот на министерството Ведант Пател во врска со Израел.
Додаде дека Израел презел неколку чекори во изминатиот месец за да одговори на барањата на САД за помошто за Газа, но потребни се дополнителни активности за да се постигне одржлив напредок.
Минатиот месец американскиот државен секретар Ентони Блинкен напиша во писмо до највисоките израелски претставници дека американската воена поддршка ќе се преиспитува доколку хуманитарните услови на палестинските територии не се подобрат во следните 30 дена.
Организациите за човекови права и Обединетите нации велат дека во Појасот Газа се прекршуваат основните стандарди за човекови права со помош на блокади, воздушни напади врз станбени области и недостаток на заштита на цивилите. Израелските власти ги отфрлаат овие обвинувања, тврдејќи дека нивните операции се во согласност со меѓународното право.
Хуманитарната организација Оксфам во вторникот соопшти дека Израел не ги исполнил хуманитарните барања.
„Луѓето во Газа гладуваат“, се вели во соопштението. „Израелските воени операции ги лишија од суштинската храна и основните потреби, создавајќи услови во кои 800.000 палестински цивили низ Газа се пред гладување.