Стечајот на Еуростандард банка и обесштетувањето на штедачите во оваа банка кое почна во септември битно влијаеше врз финансиската состојба и инвестициска активност на Фондот за осигурување депозити, покажува Извештајот на фондот за ланската година.
Лани инвестициското портфолио на Фондот, според извештајот за неговата работа, се намалило за 18,9 отсто во однос на 2019 година, додека стапката на покриеноста на депозитите на населението, се намалила од 6,25 отсто на 4,94 отсто.На крајот на 2020 година Фондот на располагање имаше 238.000.000 евра. Вкупните средства кои Фондот ги наплатил во 2020 година по основ на премија изнесуваат 11,7 милиони евра.
Фондот, како што се наведува во извештајот, лани не го остварил планот за инвестирање во државни хартии од вредност, а причина за тоа е стечајот на Еуростандард банка кој го чини 68.293.000 евра. Да ги обезбеди овие пари Фондот лани бил принуден да продаде државни записи во износ од 55.194.805 евра.
„При тоа Фондот не учествуваше на закажаната аукција во месец септември, 2021 година по основ на достасани државни записи, со што средствата беа алоцирани во резервниот фонд за исплата на обесштетување на депонентите. Во однос на планираната состојба на пласманите во државни записи за крајот на 2020 година забележано е намалување од 22,6 отсто односно планот е реализиран со 77,4 отсто“, се вели во извештајот.
На крајот на годината, Фондот исплатил 85,1 отсто од вкупно пресметаното обесштетување во Еуростандард банка и тоа на 10.800 депоненти.
Од Фондот велат дека исплатата за оваа банка била една од најуспешните исплати. Па така во првиот месец процентот на исплатено обесштетување изнесувал 76,2 отсто, а до крајот на 2020 година, исплатени се 85,1 отсто од пресметаното обесштетување.
До крајот на 2020 година се обесштетени 94,3 отсто од штедачите кои имале 20.000 до 30.000 евра. Во втората група на штедачи со заштеди од 10.000 до 20.000 евра процентот на иsплата е 91,2 отсто, додека кај оние од 5.000 до 10.000 евра процентот на исплата е 81,8 отсто. Процентот на исплата се намалува кај штедачите со пониски износи на влогови кaко и кај оние кои имале само сметки во банката бидејќи и интересот кај овие штедачи е помал. Фондот исплатил обесштетување и на 65 случаи по основ на наследство на починати лица, кои биле депоненти на Еуростандард банка.
Стечајот на Еуростандард банка, според Фондот, лошо се одразил и на стапката на покриеност на депозитите во фондот. Така таа паднала од 6,25 во август на 4,94 отсто во декември.
„Стапката на покриеност на депозитите на население во текот на 2020 година е највисока во август 2020 година, со 6,25 отсто, а најниска во декември 2020 со 4,94 отсто. Падот на стапката на покриеност се должи на намалување на вкупните парични средства на Фондот кои беа потребни за исплата на обесштетувањето на депонентите од Еуростандард банка во стечај“, се вели во извештајот.
На целокупната финансиска состојба на Фондот влијание имал и нискиот раст на депозитите во банките од 4,2 отсто што е најнизок во последните три години, но бидејќи е позитивен, од Фондот велат дека е охрабрувачки.
„На 31.12.2020 година, износот на вкупните депозити на населението изнесуваше 4,8 милијарди евра, од кои 52,5% се денарски депозити, а 47,5% се девизни депозити“.
Вкупните средства кои Фондот ги наплатил во 2020 година по основ на премија изнесуваат 11,7 милиони евра. Притоа стапката на премијата изнесувала 0,25% на годишно ниво. Премиите се пресметуваат врз основа на движењето на вкупните депозити
Еуростандард банка и нејзиниот стечај беше причина и за губење на приоритетот на Фондот за осигурување на депозити при исплатата на парите од стечајната маса. Уставниот суд го укина овој приоритет. Тоа, велат експертите, може при нов случај на крах на банка да влијеа Фондот да посегне по зголемување на премијата која треба да му ја платат банките за осигурување на депозитите што би влијаело пак банките да посегнат по каматите.
Од Фондот сепак се надеваат дека навреме ќе ги наплатат парите од стечајната маса на Банката. Управниот одбор на Фондот, пак на последната седница, одлучи да ја задржи стапката на премија од 0,25 отсто и за оваа година.