Стефановски трет на трката во Италија

Стефановски трет на трката во Италија

Македонскиот автомобилст Игор Стефановски – Иџе го освои третото место во групата Н на седмата трка од Европскиот шампионат на ридски патеки што се возеше на 18 километри долгата патека Тренто – Бондоне во Италија. На тешката патека за возење Стефановски имаше време 11:23.32 минути, а побрзи од него беа само домашните возачи Армин Хафнер со време 11:17.98 минути и О‘Плеј 11:18.37 минути, пренесува МИА.

Нашиот автомобилист имаше најдобро време на речиси половина од патеката, но непознавањето на предолгата патека го чинеше подобар пласман и на крајот го зазема третото место на подиумот. Проблем за Стефановски беа и неколку свиоци на крајот, како и тоа што го стигна и возачот што стартуваше пред него и со тоа загуби две до три секунди.

–  Ова е култна патека во Италија и е трка за престиж. На неа учествуваат буквално сите кои нешто значат во италијанските ридски трки. Стартната листа со 230 учесници беше импресивна, а згора на тоа како загревање за главната трка имаше стотици возила Ферари, Ламборџини, Порше, вистински рај за гледање. Толку многу шлепери и тимови на едно место досега не сум видел. Задоволен сум од пласманот, навистина ова беше максимум. Дури и домашните возачи ми честитаа на постигнатото време што на ваква долга патека бев само пет секунди зад Хафнер и Плеј, иако патеката ја возев само два пати. Во текот на саботниот тренинг, имав проблем со диференцијалот, па го пропуштив второто возење. Потоа работевме цела ноќ за да го оспособиме возилото за неделната трка. Возењето беше вистински хорор. Не беа проблем само 18-те километри, туку и 180-те свиоци, 40-тината “лактови, а температурата беше околу 40 степени. Буквално се прегреа и гуми и сопирачки и водата и маслото. Кога стигнав на целта се под хаубата беше вжештено. Се чудам како возилото воопшто и издржа до крај. Ова беше голем предизвик и вистински тест и за мене како возач, но и за возилото, изјави Иџе.

Конкурентот на Стефановски во генералниот пласман Јаромир Мали од Чешка заврши како петопласиран во групата, со што Иџе ја зголеми предноста за уште пет бода или вкупно 19.