Вчера градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски на организиран настан во салата Македонија во Општинското основно училиште „Крсте Мисирков“, даде отчет за сработеното во изминатите две години.
На почетокот од обраќањето, Стефковски истакна:
-Денес е денот за отчет. Нашиот отчет е наша должност кон Вас, бидејќи тоа е обврска кон Вашата доверба. Ова е нашето капитално дело. Дело кое е компилација од нашиот труд и работа во изминатите две години, а се темели на дадената доверба од Вас. Во него се испишани реализираните проекти кои се резултат на нашата макотрпна работа. Дел од тие резултати се остварени ветувања дадени пред изборите, бидејќи она што го ветив пред граѓаните беше реално и остварливо и стојам зад заложбата секое дадено ветување да биде реализирано на дело. Изминатите две години реализиравме и започнавме со реализација вкупно 420 нови проекти. Работевме одговорно, чесно и посветено. – истакна Стефковски.
Во делот на реализираните проекти, градоначалникот Стефковски детално се осврна на сите реализирани проекти во што истакна:
-Цврсто се зафативме со решавањето на децениските проблеми затоа што цврсто верувам дека со ставањето крај на проблемите со недостатокот на фекална канализација, вода за пиење и кал по улиците отвораме пат за нови можности. Токму поради тоа во изминатите две години изградивме нова мрежа на фекална канализација во должина од 21 километар. Покрај проблемот со недостаток на фекална канализација кога дојдов за градоначалник на општина Гази Баба затекнав комплетно заборавени населени места кои немаа ниту чиста вода за пиење. Денес по само две години со задоволство можам да кажам дека нема населено место во општина Гази Баба кое нема питка вода за пиење. Оваа година ја реализиравме и историски најголемата акција за асфалтирање на локални улици. Во изминатите две години асфалтиравме локални улици на површина од 29.000 метри квадратни. Изградивме 18 спортски терени на најсовремена тартан подлога во Ченто, Гоце Делчев, Автокоманда, Кирил Петрушевски, Керамидница, Колонија, Триангла, Идризово и други населени места. Изградивме 4 спортски терени на подлога од вештачка трева во Стајковци, Инџиково, Страчинци и Автокоманда. Поставивме 3 фитнес зони на отворено во Триангла, Керамидница и Колонија. Образованието е столбот на секое општество. И токму поради тоа во изминатите две години инвестиравме 43.000.000 денари во општинските основни училишта на територија на општина Гази Баба со цел обезбедување на подобри и поквалитетни услови за образование и воспитание на нашите деца. Дополнително комплетно ја изградивме и ја предадовме во употреба новата училишна сала на ООУ Кирил и Методиј во Стајковци, а истовремено започнавме со изградба на нова училишна сала во ООУ Наум Охридски во Булачани. Комплетно ги реконструиравме училишните спортски сали во ООУ Дане Крапчев во Ченто и ООУ Григор Прличев во Железара. Отворивме сензорни соби за учениците со посебни образовни потреби во ООУ Наум Наумовски Борче во Маџари и ООУ Дане Крапчев во Ченто. Оваа година за прв пат го реализиравме проектот со кој доделивме бесплатна училишна униформа за сите 6800 ученици со што успеавме да ги надминеме предрасудите кои постоеа помеѓу учениците по однос на начинот на облекување. Не ги заборавивме ниту најмладите жители на општина Гази Баба. Изградивме и реконструиравме 41 детско катче во сите населени места. – истакна Стефковски.
На крајот од обраќањето, Стефковски се обврзува пред граѓаните дека и во следните две години ќе работи посветено, одговорно и чесно.
Во салата присуствуваа над 1000 граѓани од општина Гази Баба.