Стефковски: Две индустриски зони за Гази Баба и поддршка за микро и малите бизниси

Во следните четири години ќе делуваме интензивно во сите области, а фокусот особено ќе биде насочен кон економијата на локално ниво и обезбедувањето на работни места овде во близина на вашите домови. Ќе се насочиме кон значителна модернизација на локалната инфраструктура. Ќе го подобриме образованието и ќе ги унапредиме условите за спорт и рекреација. Екологијата е исто така врвен приоритет, а секако програмата предвидува и проекти за унапредување на здравствената и социјалната заштита, како и за развој на културата и туризмот, истакна кандидатот за градоначалник на Општина Гази Баба од ВМРО-ДПМНЕ, Бобан Стефковски, на вечерашниот митинг.

Пед граѓаните ги посочи следните проекти за реализација на Општина Гази Баба и потенцираше:

„Ќе вложиме во развој на индустриската зона „Северна обиколница“ која е наменета за изградба на објекти за лесна незагадувачка индустрија, дистрибутивни центри, магацини и стоваришта. Таа ќе биде атрактивна за домашните и странските инвеститори и бидете сигурни дека ќе се отворат многу нови работни места. Паралелно, ќе ја ревитализираме и инфраструктурата во Источната индустриска зона, во „Железарница“ и во „МЗТ“, рече Стефковски.

Додаде дека финансиски ќе ги поддржи малите и микро бизниси, ќе ги поддржи старт– ап фирмите и занаетчиите, но и семејните земјоделски стопанства за кои ќе се изгради и посебен откупен центар за земјоделски производи.

„Се обврзуваме да помогнеме во остварувањето на потенцијалот на младите програмери и иноватори, а ќе организираме и обуки за надградба на дигиталните и ИТ вештини на оние кои имаат интерес за тоа“, рече Стефковски.

Посочи дека ќе има изградба на нови патишта, еден нов булевар, тротоари, велосипедски патеки, пешачки мостови, нови клучки и делници. Нов кружен тек и катни гаражи онаму каде паркирањето е секојдневен голем проблем.

„Верувајте дека нема да биде запоставена ниту една населба, ниту едно населено место. Автокоманда, Железара, Хиподром, Ченто, Триангла, Ќерамидница, Сингелиќ, Смилковци, Црешево, Виниче, Булачани, Раштак, Маџари, Трубарево, Ергеле, Гоце Делчев, Јурумлери, Колонија, Идризово и така натаму, секаде каде што СДСМ заборави и запоставија, ние ќе инвестираме“, кажа Стефковски.

„Следува вложување од најмалку 270 милиони денари за образованието во Гази баба. Нов објект ќе добие основното училиште „Крсте Мисирков“ во Ченто. Ќе се изградат 4 нови спортски сали во склоп на основното „Григор Прличев“ во Железара, во „25 мај“ во Ченто и во основните училишта во Црешево и Булачани. Ќе се прошират капацитетите на објектите на „Крум Тошев“ во Трубарево и „Наум Охридски“ во Црешево“, рече Стефковски.

„Во делот на поддршка на семејствата на учениците, се обврзувам за обезбедување еднократна поддршка од 3000 денари за секое новозапишано првоодделенче, бесплатно учество на училишните екскурзии за секој ученик кој потекнува од социјално загрозено семејство, додека за сите ученици за прв пат ќе воведеме и ќе доделиме бесплатни ученички униформи кои ќе ја промовираат еднаквоста за која се заложуваме“, рече Стефковски.

Напомена дека неговата заложба ќе биде сите дечиња од општината да бидат вклучени во предучилишното образование и за таа цел сподели една важна информација, а тоа е дека ќе изгради четири нови детски градинки во Гази Баба и тоа во Керамидница, Инџиково, Трубарево и Сингелиќ.

„Нтаму, ќе го вратиме интересот за спорт во општината. Општината за прв пат ќе добие затворен базен кој ќе можат да го користат нашите ученици, а по часовите ќе служи и за рекреација на сите граѓани. Ќе изградиме 4 спортско – рекреативни центри во исто толку населби, како и неколку фитнес зони. Ќе ја доизградиме спортската сала кај студентскиот дом „Стив Наумов“. Во парк шумата „Гази баба“ ќе следи обнова на спортските реквизити, а во некои места населени места и обнова на цели игралишта. Гази баба ќе добие скејт парк, на радост на младите“, истакна Стефковски.

Посочи дека голем проблем за жителите на Автокоманда и Триангла е пристапот до општи здравствени услуги, затоа предвидува изградба на две нови амбуланти.

„Особено важно за мене, а верувам и за сите вас е екологијата. Затоа, потврдувам дека ќе инвестираме над 1,5 милијарди денари за заштита на животната средина, подобрување на еколошката состојба во општината и зголемување на зелените површини“, рече Стефковски.

Додаде дека е предвидено проширување на гасификационата мрежа на која би се приклучиле многу компании, институции од јавниот сектор и дел од објектите за приватно домување, а значително ќе се прошири и дистрибутивната топлификациона мрежа во Автокоманда, Триангла и Хиподром, Ченто, Снгелиќ, Стајковци и дел од Керамидница. Граѓаните ќе плаќаат помали сметки за греење, а општината ќе биде подобро заштитена од емисија на штетни гасови.

„За 10 отсто ќе ги зголемиме зелените површини и ќе бидат засадени преку 500 илјади садници, исто така затварање и комплетна ревитализација на депонијата Вардариште“, посочи Стефковски.

Истакна дека следува комплетно нова опрема и механизација која ќе добие ЈКП Гази Баба за собирање отпад, за детектирање и чистење депонии, управување и одржување на системите за водоснабдување и отпадни води, а предвидена е набавка на минимум 30 подземни контејнери во сите урбани средини.

„Поддршка ќе дадеме и за подобрување или постигнување на целосна енергетска ефикасност на училишта, градинки, станбени згради и куќи“, кажа Стефковски.

Истакна дека на граѓаните секоја година, во следните четири, ќе им се доделуваат субвенции за набавка на печки на пелети, субвенции за купување велосипеди, а неповратни средства ќе се обезбедат и за правните лица кои ќе ги заменат фосилните горива со природен гас во процесот на производство.

„Исклучително важно за голем дел од населените места ќе биде изградбата на фекална мрежа со мали пречистителни станици за отпадни води, а чиста вода за пиење и нормално водоснабдување ќе добијат Раштак, Страчинци и Брњарци и дел од Булчани“, истакна Стефковски.

Додаде дека ќе следува и реализација на проекти за пензионерите, проекти за културата како оние за реконструкција на културните центри во Ченто, Колонија, Маџари и Булачани, проекти за развој на туризмот особено на нашата прекрасна Скопска Црна Гора.

„Ја барам поддршката и за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за Гази Баба, предводена од носителката Дијана Илиевска и за советничката листа на град Скопје предводена од професорот Трајко Славески. Само со силно мнозинство во Советите сите ветени проекти ќе станат реалност. На 17 октомври, да заокружиме број 7, да победиме и заедно да чекориме кон градење на подобра, поубава и попросперитетна општина, каква што и заслужуваме“, заклучи Стефковски.