Стефковски најави почеток на реализацијата на голем број проекти во Гази Баба

Во средата свечена академија Општина Гази Баба одбележа 45 години од своето постоење, на којашто свое обраќање имаше и новиот градоначалникот на Општина Гази Баба Бобан Стефковски, кој во своето обраќање најави нов почеток за реализација голем број проекти и ги повикува граѓаните да се обединат.

„Денеска на одбележувањето на јубилејот, 45 години од постоењето на Општина Гази Баба најавувам нов почеток. Нов почеток за реализација на голем број на проекти за подобрување на животниот стандард на граѓаните на Општина Гази Баба. Нашиот народот е поделен по сите основи. Имаме делби од етнички, верски и политички причини. Поделби на леви и десни. Доста е од поделби. Ги повикувам граѓаните на обединување. Ајде сите заедно да се обединиме зад новиот почеток. За реализација на сите зацртани проекти. Повикувам на обединување и во составот на идниот Совет на Општина Гази Баба. Подавам рака на пријателство и соработка до секој еден советник, без разлика од која политичка партија доаѓа. Дајте ги вашите програми, вашите предлози и проекти и ајде заедно да работиме. На граѓаните на Општина Гази Баба им е преку глава од политика, новиот почеток на кој повикувам значи обединување на сите за развој и напредок на нашата Гази Баба“, истакна Стефковски.

За академијата, Градоначалникот Стефковски информираше на својата официјална фејсбук страна.