Денес 19.09.2022 година (понеделник), во просториите на општина Гази Баба се оддржа седница на Советот за превенција, а во врска со немилите настани во автобусите на ЈСП Скопје изминатата недела во кои беа повредени ученици од општина Гази Баба.
За заклучоците градоначалникот Стефковски објави на својата официјална страна на фејсбук на која напиша:
Одржана седница на Советот за превенција на општина Гази Баба.
По повод немилите настани во автобусите на ЈСП Скопје кои изминатата недела континуирано се случуваа на територија на општина Гази Баба, го свикав Советот за превенција на кој ги усвоивме следните заклучоци:
- Советот за превенција на општина Гази Баба со загриженост ги прими информациите за инциденти во автобусите на ЈСП Скопје кои континуирано се случуваа во текот на минатата недела;
- Полициската станица од општа надлежност Гази Баба превзема обврска во следниот период да обезбеди зголемено присуство на униформирани службеници на критичните автобуски постојки, внатре во автобусите но и во критичните населени места;
- Општина Гази Баба во насока на идна превенција превзема обврска за организација на најразличен вид на настани со ученици од различни етнички заедници со цел поттикнување на соживот и другарување;
- Општина Гази Баба превзема обврска да достави барање до ЈСП Скопје во кое ќе се побара автобусите кои се обраќаат на тој дел од општината да имаат функционален мотиноринг видео систем, како и зајакнување на контролата на терен;
- Општина Гази Баба превзема обврска да достави писмо за информирање до секторот за образование на град Скопје за приклучување во активностите за надминување на настанатата ситуација, бидејќи учесниците во настаните се средношколци, како и се превзема обврска за организирање на состанок со директорите на средните училишта на град Скопје.
- Општина Гази Баба превзема обврска за доставување на иницијатива до Министерот за Внатрешни работи за иницирање на постапка за избор на командир на Полициската станица од општа надлежност Гази Баба;
- Советот за превенција на општина Гази Баба превзема обврска да работи во насока на надминување на ваквите случувања со цел истите во иднина да не се повторат.
Како градоначалник сакам да порачам дека ќе направам се што е во моја надлежност во иднина вакви и слични немили настани да не ни се повторат.
Гази Баба е мултиетничка општина и наша обврска е да работиме на градење соживот помеѓу сите генерации на граѓани. Насилството да го замениме со другарување, а омразата со пријателство. – напиша Стефковски.
На седницата на Советот за превенција присуствуваа пратениците во Собранието на Република Македонија од општина Гази Баба Жаклина Пешевска и Зоран Коцевски, претседателот на Советот на општина Гази Баба Дијана Илиевска, членови на Советот, претставници на МВР и преставници на институциите.