Стефковски: Стоп за хемиски отпад во општина Гази Баба

Кршењето на законите и процедурите од страна на Борис Георгиевски во Општина Гази Баба стана пракса, ова преку прес-конференција го истакна Бобан Стефковски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ ОК Гази Баба.

„Најбитно во овој случај е тоа што се работи за директно загрозување на здравјето на жителите на Општина Гази Баба, жителите на општина Бутел и целиот град Скопје. Имено се работи за три Урбанистички проекти вон опфат за урбанистички план за уредување на земјиште со намена – постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад на дел од КП 11589/1, 11730/1, 11683 и 11684 КО Старо Скопје. Согласно сите закони и уредби кога се работи за складирање и управување со отпад задолжително се спроведува постапка за оцена на влијанието врз животната средина и врз животот и здравјето на луѓето.
Градоначалникот Георгиевски само од за него разбирливи причини донел одлука за неспроведување на стратегиска оцена за влијанието врз животната средина и врз животот и здравјето на луѓето“, рече Стефковски.

Додава дека дополнително со решение од Министерство за животна средина и просторно планирање, градоначалникот е задолжен да спроведете стратегиска оцена за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад.

„Господине Георгиевски бараме да и одговорите на јавностa: Што се крие зад ова незаконско постапување? Дали сте свесен која е цената што со здравје ќе ја плаќаат жителите на околните населени места Железара, Автокоманда, Ченто, Маџари, Сингелиќ, Стајковци, Смилковци, Црешево, Страчинци, цела Гази Баба но и градот Скопје? Дали хемискиот третман на отпадот ќе се простира на површина од над 200.000 м2 (20 ha)? Дали под поимот третман на отпад се крие депонија на отпад и нејзина термичка, физичко-хемиска и хемиска преработка, или со кратки зборови и депонија и хемиско производство? Дали освен депонијата Вардариште носите и нова еколошка бомба во Гази Баба ? Дали ова беше вашиот план за живот во Гази Баба ? Барам од градоначалникот Георгиевски да ги стопира овие штетни урбанистички проектио. Да одбереме здравје, чист воздух и чиста околина. Наместо бизнис интересите, грижата за здравјето на граѓаните мора да биде на прво место. Граѓаните на Општина Гази Баба и градот Скопје заслужуваат одговорна и транспарентна локална самоуправа која ќе работи за подобрување на квалитетот на животната средина“, додаде Стефковски.