Производителот на автомобили „Stellantis“ ќе започне со продажба на електрични возила од својот кинески партнер „Leapmotor“ во девет европски земји од септември за да ја прошири својата палета на евтини автомобили, изјави во вторникот челникот на компанијата Карлос Таварес.
Продажбата на заедничкото вложување меѓу „Stellantis“ и „Leapmotor“ ќе се прошири во Јужна Америка, Блискиот исток и Африка, како и Индија и Азија и Пацификот, почнувајќи од четвртиот квартал на 2024 година, рече Таварес во кинескиот град Хангжу, каде што е седиштето на „Leapmotor“.
Заедничката компанија наречена „Leapmotor International“, која е во 51-процентна во сопственост на „Stellantis“, има цел да ги продава електричните возила на „Leapmotor“ надвор од Кина и, исто така, да ги произведува надвор од Кина, потпирајќи се на производствените бази на „Stellantis“.
Тоа е дел од поширокото партнерство меѓу двете групи, откако минатата година француско-италијанската групација објави дека купува 21 отсто од акциите во „Leapmotor“ во вредност од 1,6 милијарди долари.
Преку заедничкото вложување, „Stellantis“ има ексклузивни права за производство, извоз и продажба на производи на „Leapmotor“ надвор од Кина. Тоа е прва таква можност за етаблиран западен производител на автомобили во време кога голем број кинески производители, вклучувајќи ги BYD, „Chery“ и „Dongfeng“, најавуваат или размислуваат за нови производствени капацитети во Европа.
Таварес и извршниот директор на „Leapmotor“, Жу Џиангминг не дадоа детали за точните локации каде што би можело да се произведуваат електричните возила на „Leapmotor“.
Но, Таварес рече дека сите одлуки за производство ќе се засноваат на проценки на трошоците и квалитетот, и дека фабриката на „Stellantis“ во полскиот град Тичи би можела да биде меѓу можните локации.