Стевчо Јакимовски: Ме нападна советник на премиерот

Нападот врз екс-градоначалникот на општина Карпош и лидер на партијата ГРОМ Стевчо Јакимовски, го извршил советникот на Зоран Заев во Владата за Скопје, Филип Андов викан Сокол, тврди Јакимовски за „Инфомакс“.

Јакимовски го потврдува инцидентот за кој ден претходно објавија медиумите, појаснувајќи дека во средата околу 11 часот претпладнето со двајца негови пријатели тргнале во посета на нивен заеднички познаник кој отворил сопствена адвокатска канцеларија. Како додава Јакимовски, се движеле пеш од трговскиот центар „Беверли Хилс“ преку улицата „Народен фронт“ кон „Теодосиј Гологанов“ и кога пристигнале до пансионот „Ања“ тој разговарал на мобилен телефон.

„Во еден момент едно од четири-пет насобрани лица ми се обрати со одредени прашања, за што застанав и коректно му ги одговорив. Потоа, другото лице кое ме запраша дали го познавам, му реков дека не го познавам. Ми рече дека го викале Сокол и во еден момент ме опцу и тргна физички да се пресметува со мене. Енергично беше спречен од моите двајца пријатели. Ние веднаш бевме спремни да им ја исполниме желбата за физичка пресметка иако беа петмина. Лицето Сокол започна со некои селски фори да ја соблекува јакната, па го држеа две дечиња додека тој се закануваше и пцуеше. Откако видоа дека ние сме подготвени за пресметката тогаш Сокол по телефон почна да бара ‘засилување’“, тврди Јакимовски во изјава за Инфомакс.

Во еден момент, вели Јакимовски, лицето Сокол преку телефон се обратило до некоја институција со зборовите „… овде Сокол од кабинетот на премиерот“. Нормално, вели Јакимовски, им реков дека „ми ги стресоа колениците“ со тоа што се од кабинетот на премиерот.

„Јас ќе бидам против нив, не им се плашам, нема да ме замолчат и ќе си одат од власт, затоа што се неспособни и се обидуваат да владеат со сила“, објаснува поранешниот градоначалникот Јакимовски за Инфомакс.

„Кога тие се однесуваат кон мене вака, секогаш спремен да им одоговрам на секој начин (вербален, физички напад), што останува за другите граѓани. Нивниот обид да внесат страв во коски го упатуваат на погрешно место. Во изминативе 30 дена физички се нападнати дури осум полицајци. Ако полицијата се чувствува загрозена, поранешни високи владини функционери, лидери на опозиција, тогаш кој е безбеден во државата?“, прашува Јакимовски.

„Обраќањето на Сокол во името на кабинетот на премиерот, во услови кога предизвикува насилство е груба злоуптореба на институциите на државата. Во овој момент институциите на Р.Македонија се завземени од хулиганската орда на Зоран Заев, почнувајќи од МВР преку Владата, па се до, за жал судските инстанци. Затоа нема одговор за нападот врз мене на 15. октомври, затоа нема одговор за поднесената кривична пријава против Н.Н. сторител за избирачките ливчиња од Карпош најдени во Охрид и Македонски Брод. Криминална влада, владее на криминален начин“, заклучува Јакимовски во изјава за Инфомакс.

Споменатиот Филип Андов, пак, во изјава за НетПрес не негира дека се случил инцидент, но според него станува збор само за вербално препукување кое траело кусо време. Тој посочува дека настанот се случил во вторникот во 11 часот и, според него, сипмотматично е што Јакимовски случајот го пријавил во средата попладнето.

„Со мојот пријател со автомобил се паркиравме кај Католичка црква. Кога ја преминавме улицата намина Стевчо со двајца негови пријатели, некада кај пансионото ’Бјанко’, Стевчо застана со мојот пријател и разговараа за приватни деловни работи. Одеднаш се заврте кон мене, бидејќи се познаваме од претходните политички активности кога беше во коалиција со СДСМ, и највулгарно се обрати“, вели Андов додавајќи дека била спомената коалицијата со албанските партии.

Според соговорникот, и тој возвратил вербално и станува збор за вербална расправија во којашто траела две-три минути. Андов вели дека имало нервозна реакција од еден од пријателите на Јакимовски, но дека набрзо тие си заминале во различни правци.

Тој, исто така, истакнува дека Јакимовски дури во средата прво се обидел да го пријави случајот во полициската станица во Карпош, каде што, како што тврди Андов, се повикувал на имито на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, но му било кажано дека тоа мора да го стори на територијата на општината во која се случил инцидентот, односно во општина Центар.