Познатиот британски музичар Стинг го претстави својот нов албум „The Bridge“ (Мост), појаснувајќи дека тоа е метафора за надминување на неволјите.
На Стинг – „граѓанин на светот“, му било непријатно повлекувањето на Велика Британија од членството во Европската Унија (ЕУ), па смета дека Лондон така ги пресекол сите мостови со Европа.
-За мене Брегзит е трагедија. Тажен сум за мојата земја!, рече 70-годишниот поп-пејач во интервју при неговиот престој во Париз, сред турнејата настапи од Атина до Лас Вегас.
Музичарот оцени дека на младите Британци им е одземена можноста да ја „доживеат Европа и тоа е сосем налудничаво“. Според него, политичката атмосфера во Велика Британија изгледа опасна поради растечките популистички движења. За епидемијата на коронавирусот, уметникот рече дека не го разбира отфрлањето на вакцината и оти ја примил без двоумење.
-Доволно сум возрасен за да се сетам на децата кои имале детска парализа, болест која беше искоренета со вакцина, рече Стинг.
Според него, сите бараат мост да одат некаде, понатаму… Кон подобро место. Новиот албум, кој ќе излезе в петок, е мешавина од џез, рок и традиционална музика. Нему „не му било тешко да го сними албумот среде пандемијата, карантини, изолации“…
-Не е ништо ново да се снима „на растојание“. Тапанарот може да биде во Лос Анџелес, а јас да бидам во Париз, а некој друг музичар во Италија. Тајната е во тоа да се воспостави некаков заеднички интимен простор и да има срдечни односи, вели Стинг.
Стинг беше водач на групата „Полис“, која имаше планетарен успех, по што во 1985 година започна исто толку успешна соло кариера. Музичарот се осврна и на други политички и еколошки прашања – од ослободувањето на Нелсон Мандела до заштитата на прашумите во Амазонија. Тој е и голем обожавател на јогата. (МИА)