Стипендии за 287 ученици со попреченост

Вкупно 287 ученици со попреченост кои се запишани во прво и второ одделение оваа учебна година ќе добијат стипендии, со цел нивна рамноправна вклученост во училиштата, но и поддршка на нивните семејства. Ова е дел од проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, а заложбата е сите ученици да бидат еднакво инклузивни во општеството, без оглед на нивната способност.

Проектот се реализира во соработка со Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива“ од Куманово и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хендимак“ од Тетово, како и со Министерството за образование и наука.

Финансиран е Европската Унија, и ќе трае три години. Почна во септември годинава, ќе заврши во август 2023 година.

Елена Мишиќ од Фондацијата Чекор по Чекор и лидер на проектот посочи дека првата главна цел е да им се помогне на сите ученици без оглед на видот на нивната попреченост, без разлика дали се работи за физичка, сетилна или интелектуална попреченост, да се вклучат во образование и да ја подобрат својата редовност.

-Ова од нас бара да се фокусираме на пилотирање на можни решенија, да најдеме модалитет и да ги откриеме сите кризни дела со кои можеби ќе се соочиме во нашата држава на овој пат кон инклузивност и да се обидеме да понудиме креативни и конструктивни решенија за сите училишта, рече Мишиќ на денешната прес-конференција на која се одбележи почетокот на овој проект.

Првата мерка од проектот, како што рече Мишиќ, е доделување на месечни стипендии на ученици со попреченост запишани во почетните одделенија, и таа очекува најмалку 450 ученици во текот на целиот проект да можат да ја искористат оваа можност,

Појасни дека предност ќе им се даде на лицата кои се запишани во редовните паралелки и на оние деца кои што транзитираат, односно кои ќе преминат од посебните паралелки, поточно од ресурните центри во редовната настава.

Втората компонента, појаснува таа, е градење на партнерства и подигање на свеста на целокупното општество, што значи спроведување на активности и кампањи кои ќе ја нагласат важноста и неминовноста од воведување на инклузивно образование.

-Ќе работиме заедно со училишното раководство наставници, стурчни служби, специјални едукатори, на градење на капацитети за планирање и за спроведување на диференцирана настава која ќе биде прилагодена на потребите на сите деца, од која што во проектот ќе имаат полза не само нашите стипендисти туку сите деца во државата. Ќе ги следиме сите движења во светот, ќе се фокусираме на светските практики но и на градење на наши автохтони креативни решенија кои ние ќе можеме да ги понудиме понатаму во светот, додаде Мишиќ.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска на денешната прес-конференција рече дека сите сакаме да живееме во совршено општество но до тоа општество треба да стигнеме со заеднички напори и заедничка грижа на системите кои функционираат, за да тие можат да обезбедат квалитет каков што посакуваме.

-Ние како Влада се залагаме за инклузивно општество и инклузивно образование. Тоа го правиме во секоја политика и се трудиме да обезбедиме услови за секое дете и секој граѓанин има еднаков пристап до сите ресурси во општетсвото а како министерка за образование и наука се залагам да секое дете има еднаков пристап. И тоа го работиме навистина систематски и чекор по чекор, рече Царовска.

Додаде дека со овие стипендии се создава поткрепа за учениците со атипичен развој кои се вклучени во образовниот систем и со таа поткрепа тие и нивните семејства добиваат поддршка во делот на остварување на право на образование.

Таа нагласи дека и за првпат се подготви упатство за соработка меѓу ресурсните центри во далечните посебни улишита со сите училишта каде одат деца со атипичен развој, се со цел да тие во континуитет бидат поддршка и да заеднички може да ја организираат наставата која треба да биде подеднаква за сите ученици.

Дополнително, Царовска рече дека во моментов се работи на нормативот за образовна асистенција која е согласно Законот за основно образование, се со цел 2021/22 година да започне со орбазовни асистенти кои ќе имаат системски решен статус и ќе се знае кои се работните задачи и обврски во образовниот систем во училиштата.

-Ова ќе даде можност да дискутираме на кој начин образовната асистенција ги поддржува учениците во основното образование, какви ефекти дава и дали и понатаму може да се дополнува тој концепт, да се мнеува од она кое значи досегашно работење на образованата асистенција. Сметам дека овој проект навистина ќе даде одлични резултати, рече Царовска.