Стипендии за додипломски, магистерски, специјалистички и докторски студии во Русија

За академската 2014/2015 година, граѓаните на Македонија имаат можност да конкурираат за вкупно 60 стипендии за додипломски, магистерски, специјалистички и докторски студии на некој од Универзитетите во Русија.

Тамошната Влада ќе додели 44 државни стипендии за редовни додипломски студии, седум за магистерски студии, осум за специјалистички студии и една за докторски студии.

Избраните стипендисти ќе добиваат месечна стипендија, во висина на стипендијата на руските студенти во соодветната категорија, но и еднакви услови и цена за сместување во студентските домови како и руските студенти.

Заинтересираните кандидати, потребно е да достават пријава со фотографија, со наведена шифра и полн назив на избраната студиска област пополнета на руски или англиски јазик, а притоа, секој кандидат може да аплицира за една до шест високообразовни институции (но, не повеќе од две во ист федерален регион, Москва или Санкт-Петербург); копија од документот за завршено образование, преведена на руски јазик и заверена на нотар со листа на наставни предмети и оценки; лекарско уверение, заверено од официјална државна здравствена установа, преведено на руски јазик; потврда за извршен медицински тест за ХИВ-вирусот, заверена од официјална државна здравствена установа и преведена на руски јазик; копија од изводот од матичната книга на родените со апостил, заверена на нотар и преведена на руски јазик; копии од страниците на пасошот со основните податоци за составување покана за студии (број на пасошот, со рок на важење не помалку од една ипол година до влегувањето во Руската Федерација); како и една фотографија (4 х 6 см).

Кандидатите за додипломски студии треба да имаат завршено 4 годишно средно образование, еквивалентно на руското општо образование, со оценки по предметите од избраната струка не пониски од 80% од максималната оценка и со преодни оценки по сите останати предмети.

Кандидатите за магистерски студии треба да имаат диплома за завршено високо образование и уверение за положени испити.

Кандидатите за последипломски ( докторски) студии треба добро да го познаваат рускиот јазик и освен горенаведените документи да ја достават и дипломата за високо образование на ниво на магистер по науки/уметности и уверение на положените предмети со оценки, како и список на објавените научни трудови (доколку ги има) и краток реферат по тема на идното истражување (не повеќе од две страници) на руски јазик. За обука во ординатура (последипломска пракса и обука во медицинските науки) се примаат само дипломци на руски високообразовни установи.

За местото на студирање (високообразовна установа и град) на кандидатот, одлучува давателот на стипендијата, зависно од апликацијата на кандидатот и слободните места на факултетите.

Документите треба да се достават во еден примерок заверен на нотар, преведен на руски јазик и заверен во конзулатот на Руската Амбасада, како и еден примерок од обична фотокопија на преведените документи, до Министерството за образование и наука, Сектор за наука и технолошко – технички развој, 14-ти кат, канцеларија 1410, на ул. Св.Кирил и Методиј бр.54 – Скопје. (контакт телефон: 02 3 140 185 – Гоце Видановски).

Крајниот рок за пријавување е осми април, а интервјуто со пријавените кандидати ќе се одржи следниот ден во 10 часот, во Министерството за образование и наука.

Конкурсот е објавен на веб страната на Министерството за образование и наука www.mon.gov.mk и на веб страната на Амбасадата на Руската Федерација во Македонија www.russia.org.mk.

Формуларот за пријавување и листата на студиски области може да се најде на: www.russia.edu.ru/enter/2013/.