На Македонија и се потребни кадри кои се оспособени да работат на превод, толкување, анализа и обработка на голем број стари документи, ретки ракописи и материјали кои ги има во македонските, но и странските достапни архиви, во библиотеките, имотните книги, а кои се напишани на старотурски јазик.
Македонија има сериозен недостиг на луѓе кои го познаваат старотурскиот јазик кој воедно е мешавина од арапскиот и персискиот јазик. За таа цел, Владата на Република Македонија преку Министерството за образование и наука од минатата година започна да стипендира македонски студенти кои ќе го изучуваат старотурскиот јазик, на еден од факултетите на кои се изучува старотурскиот јазик.
Веќе една година 5 македонски студенти со целосни стипендии го изучуваат старотурскиот јазик, од кои 3 од нив се на додипломски студии а двајца на постдипломски студии.
И оваа година Владата на Република Македонија преку Министерството за образование ќе стипендираат 20 студенти кои се заинтересирани да го изучуваат старотурскиот јазик.
-Студентите кои што ќе бидат стипендирани и ќе се запишат за изучување на старотурски јазик, по завршувањето на нивните студии имаат загарантирано работно местово една од државните институции, како што е Државниот архив, Македонската акадамија за науки и уметности и Институтот за национална историја, информираше заменик министерот за образование и наука Спиро Рисотвски.
Огласот е активен до 31 август 2015 година, министерството ќе стипендира 20 студенти и се повикуваат и поттикнуваат сите заинтересирани да аплицираат во дадениот рок.
Само за потсетување, минатата година на објавениот оглас за стипендирање на 15 македонски студенти кои ќе го изучуваат старотурскиот јазик се пријавиле само 5 студенти, а Македонија има реална потреба од вакви кадри.