Државјаните на Република Македонија можат да конкурираат за стипендии за усовршување или постдипломски студии во Јапонија, кои ги доделува јапонското Министерство за образование, култура, спорт, наука и технологија (Monbukagakusho) за 2015 – 2017 година.
Стипендиите се наменети за кандидати кои сакаат да се усовршуваат или да ги реализираат постдипломските студии во Јапонија, во област која е сродна со областа на нивните претходни универзитетски студии.
На избраните стипендисти ќе им биде покриена школарината, ќе добиваат месечен надоместок од околу 143.000 јапонски јени и ќе им биде обезбеден повратен авионски билет.
Освен условот да се државјани на Република Македонија, кандидатите не треба да се постари од 35 години во времето на отпочнување на престојот во Јапонија; треба да имаат стекнато универзитетска диплома, или да се пред завршување на студиите (да дипломираат до март или септември 2015 година); треба да бараат усовршување во својата или сродна научна област и да се согласни да го изучуваат јапонскиот јазик.
Краен рок за пријавување е 13 јуни 2014 година, а сите подетални информации и формулари може да се најдат во Конкурсот, објавен на порталот за стипендии на Министерството за образование и наука: www.stipendii.mon.gov.mk.