Во понеделник ќе биде објавен конкурсот за доделување стипендии за студирање на првите 100 рангирани универзитети, според ранг листата на Шангајскиот универзитет, стипендии за студии во странство од областа на ликовната и драмската уметност, филмската продукција, кинематографијата и музиката, како и стипендии за студирање на Академијата за филмска уметност ФАМУ во Прага.
Стипендиите за студирање на универзитетите според шангајската листа изнесуваат од шест до 60 илјади евра, за студии од областа на уметноста од 20 до 80.000 евра и за студирање на ФАМУ стипендиите изнесуваат 23.000 евра годишно. Сите три вида стипендии обезбедуваат уписнина, месечен надомест и трошоци за превоз.
Конкурсите, како што потенцираше Министерот за образование и наука Спиро Ристовски, ќе бидат објавени на веб страницата на образованието и во печатените медиуми, а аплицирањето ќе трае до 1 септември 2014.
„Министерството за образование и наука и во следната академска 2014/2015 година ја продолжува практиката за стипендирање на сите македонски студенти коишто ќе се запишаат на прв, втор или трет циклус на студии на некој од првите 100 рангирани универзитети, односно првите 200 рангирани универзитети од одбласта на техничките науки, според последната објавена ранг-листа на глобални универзитети за високо образование при Шангајскиот Џиао Тонг универзитет“, рече министерот Ристовски.
Тој истакна и дека интересот за стипендиите за запипување на најдобрите универзитети според шангајската листа, од година в година зналително се зголемува.
„Ако во првата година беа додели 13, во оваа година беа доделени вкупно 38 стипендии, пет за прв, 30 за втор и три за трет циклус на студии“, посочи Ристовски.
Стипендиите од областа на ликовната и драмската уметност, филмската продукција и кинематографија, за прв пат беа воведени минатата година, и како што истакна ресорниот министер, биле доделени вкупно девет вакви стипендии, додека годинава се очекува интересот за нив да биде уште поголем.
Ристовски потенцираше и дека бројот на стипендии во ови две категории е неограничен и дека сите кандидати кои што ќе ги исполнат условите ќе бидат корисници на соодветната стипендија.
За студии од прв и втор циклус на Академијата за филмска и телевизиска уметност во Прага, согласно потпишаниот меморандум, годишно се доделуваат по четири стипендии.