Стив Бенон ѕвезда на конгресот на француската крајна десница

Поранешниот советник на американскиот претседател кој е ѕвезда на крајната десница му даде значење на конгресот на француската партија од крајната десница Национален фронт (FN) во саботата којашто планира да се редизајнира со промена на името за да им стане попривлечна на избирачите за европските избори следната година.

„Тој ќе ни објасни дека победата е можна“, изјави во саботата Себастиен Шену, еден од портпаролите на Национален фронт, објаснувајќи го учеството на конгресот на Стив Бенон, влијателен и многу контроверзен политичар на американската сцена.

Како претставник на најтврдата американска десница, Бенон ја водеше завршницата од кампањата на актуелниот американски претседател Доналд Трамп, а потоа стана и негов советник во Белата куќа. Но неговото доаѓање во Париз не мина без иронични коментари.

Стив Бенон, „кралот на фејк њус (лажни вести) и белечки расист…, Националниот фронт може ќе го промени името, но не и политичкиот курс“, напиша на социјалните мрежи претседателот на партијата Република во движење, партија којашто ја основаше кусо пред изборите францускиот претседател Емануел Макрон.

Критики за доаѓањето на Бенон изрече и основачот на Националниот фронт, Жан-Мари Лепен, кој последните години е во вистинска војна со својата ќерка Марин Лепен, којашто го наследи на чело на партијата, но пред две години го исклучи поради антисемтиски изјави, но сепак францускиот суд пресуди во негова полза. Стариот Лепен оцени дека „ова парадоксално“ доаѓање не е во согласност со тежнеењата на Националниот фронт да се „десотонизира“. Со тоа алудираше на процесот кој го започна уште во 2011 година неговата ќерка за да го подобри имиџот на партијата и да ја направи поприфатлива за гласачите.

Жан-Мари Лепен во последен момент се откажа од присуството на конгресот. На дводневниот конгрес, како што е најавено, официјално ќе му биде одземена титулата почесен партиски претседател.

 

Согласни за напуштањето на еврото

Првиот ден од конгресот, партиските функционери ги објавија резултатите од анкетата извршена со прашалник кој го потполниле 30.000 членови на партијата. Според анкетата, дури 98 отсто од членовите се изјасниле за намалување на доселувањата во Франција на „минимално ниво“. Во истата анкета 67 отсто од членовите се изјасниле за „планот за излегување на Франција од еврозоната за земјата повторно да стекне монетарен суверенитет“, соопшти Жан Месиа. Во анкетата спроведен на ланските претседателските избори кога во вториот круг се пласираше Марин Лепен, што е вторпат во историјата на партијата и претставува огромен успех, гласачите не се изјаснија за напуштање на еврото.

Анкетата исто така покажува дека партиското телот е „кохерентно и обединето околу својата челничка“, заклучи Месиа.

Конгресот во северниот град Лил треба да заврши со основање на нова партија којашто би била попривлечна за гласачите во текот на кампањата за изборите за Европскиот парламент следната година, смета Лепен којашто се надева дека партијата ќе оствари успех на минатите избори, и како што сега се случи со крајната десница во Италија.

„Националниот фронт стана полнолетен…. Од ‘протесна’ партија против традиционалните партии во младоста израсна во партија на опозицијата, а потоа и во партија на владеење. Промената на името е начин на кој тоа ќе му го дадеме на знаење на светот“, рече во петокот Лепен која загуби во вториот круг од Макрон но освои 11 милиони гласови или 33,9 отсто од гласовите. На претходните локални избори, по водството на Национален фронт во повеќето региони, само премолчната коалиција меѓу конзервативците и социјалистите ја оневозможи да оствари историски успех, но сепак освои досега најголем број советници.

Марин Лепен во недела ќе го предложи новото име за партијата, а за него ќе гласа членството. Претседателот на младината на Националниот фронт, Гаетан Дусосеје, објасни дека партијата мора „да ја проголта гордоста“ и да го промени името, бидејќи „брендот Национален фронт сѐ уште и денес ги блокира избирачите“. Лепен забележа пад на популарноста по завршувањето на претседателските избори, според анкетите, а таа самата изјави дека „работата уште не ја довршила“, но дека „не сака да биде вечна“ и оти е подготвена да се повлече пред некој „кој е подобен од неа за таа должност“.