Стојан Андов им порача на Заев и на Бучковски да не одат во Бугарија, треба да се покажат црвени линии

Стојан Андов, поранешниот претседател на Собранието и искусен политичар му порача на премиерот Зоран Заев и на Владата дека во овој момент не треба да се оди во Бугарија, затоа што таму се преокупирани со претстојните парламентарни избори. Истото му го препорача и на специјалниот пратеник Владо Бучковски.

– И да оди повторно во Софија, премиерот Заев реално нема со кого да разговара таму, бидејќи сите се преокупирани со изборите. Има време за посета. Ни Бучковски не треба сега да оди во Бугарија. Добро е премиерот да продолжи да остварува средби со високи функционери на ЕУ и со лидери на земји – членки, како што беше онаа со францускиот претседател Емануел Макрон, и да создава односи на разбирање. Умилкувања не помагаат, тие се надмината работа. Треба да се промовираат јасни пораки – да кажеме дека точно знаеме што сакаме, дека сме подготвени да работиме за да го оствариме тоа што го сакаме, и дека имаме црвени линии – вели Андов за ДВ.

Тој додава дека во моментов е поважно концентрирањето на проблемите во земјата, особено што на повидок е крај на корона-кризата.