Стојаноска: Со дадените 200 милиони евра на „Бехтел и Енка“ власта можеше да ги асфалтира сите селски патишта

Пратеничката Дафина Стојаноска ја посети општина Долнени односно селата Заполжани, Дреновци, Дупјачани и Сенокос при акцијата „Ова е Македонија за сите“, при што разговараше со граѓаните од овие населени места за нивните проблеми и маки.

„Денес повторно бев во општина Долнени и ги посетив селата Заполжани, Дреновци, Дупјачани и Сенокос од каде вечерва се обраќам, тоа е последната посета. Инаку повторно го имаме истиот впечаток разочараност кај луѓето како од централна така и од локална власт“, истакна пратеничката Дафина Стојаноска.

Таа нагласи дека при средбата со граѓаните се разговараше буквално на сите теми кои што ги засегаат.

„Но, она денес што најмногу беше актуелно за што се запознаени секако и овие луѓе тука е најактуелната тема во Република Македонија која што се случува, а тоа е криминалниот договор за автопатите на коридорот 8 и 10Д, односно договорот со „Бехтел и Енка“, за кој што денес Артан Груби и Димитар Ковачевски добија црвен картон и од ЕУ бидејќи сакаат по не знам којпат да го злоупотребат европското знаменце“, укажа Стојаноска.

Стојаноска посочи дека се договори со граѓаните да постави јавно прашање до актуелната криминална власт, а тоа е дали со сумата од повеќе од 200 милиони евра која што се потроши без воопшто да се види договор или да започне барем еден метар од изградба на автопатот, дали со тие пари во Република Македонија ќе беа асфалтирани сите селски патишта и ќе беа задоволени секојдневните барања на жителите низ сите македонски населени места.