Стојаноска: Тие што оставаа чевли пред владата кога беа опозиција, седум години ништо не направија за младите, ВМРО-ДПМНЕ во идната влада директно ќе ги вклучи во носење политики

-Јас не паметам ништо добро за младите во Собранието, освен кога беа приморани, заради тоа што им беше ставен во цајтнот Законот за студентски оброк, па направија негова активација, бидејќи се доцнеше со исплатата. И нашата понуда за студентскиот оброк, која реално беше изводлива, да се покачи наместо за 20 за 40 денари, секако беше одбиена, вели пратеничката и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска во дебатата „Македонија сојузник на младите – перспектива и иднина“ што се одржа во општина Валандово во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.

„Сега веројатно поради притисокот на јавноста, на младите, и поради тоа што се ближат парламентарни избори, им текнува дека ништо од ветувањата немаат реализирано, па еве претходниот месец потпишаа младинска декларација и велат дека младите ќе земат учество во изготвувањето на Законот за младинско учество. Но, сето тоа се само уште едни шарени лаги во пресрет на следните избори. Тие имаа можност седум години, тоа е повеќе од половина од претходниот мандат кога владите ги водеше ВМРО-ДПМНЕ, доволно време да докажат дека навистина беа загрижени за младите. Не се грижеа ниту за нив, ниту за возрасните, ниту за било кој граѓанин истите оние кои што оставаа чевли пред владата на времето кога беа опозиција. Денес се неми за многу теми, освен Европска Унија и лажни европски вредности“, истакна Стојаноска.

За да ја намалиме невработеноста, според неа, посебно на младите, прво треба да се поработи на квалитетно образование, добивајќи квалитетни кадри.

„Буквално се купуваат дипломи, има титули, но нема професионалци, а знаеме дека Западот и Европа најмногу бараат професионалци, без разлика дали се работи за млади со високо или со средно образование. Младите сакаат да бидат независни и професионално да се реализираат во бизнис секторот, или пак доколку се вработат во некоја институција тие да бидат корисни за таа институција, не обратно, не сакаат да бидат зависни. Но, за да ги имаме тие можности, оваа влада треба да си замине, затоа што никакви можности не направи за никого“, рече Стојаноска.

„Од 38 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, 20 доаѓаат од структурите на Унијата на млади сили. Тоа за мене е доволен доказ дека ВМРО-ДПМНЕ не посветува внимание на младите само со тоа што ја формирало УМС, со тоа што го зголемува бројот на активисти и членови и така натаму, туку ВМРО-ДПМНЕ на дело докажува дека и тоа како дава можност, дава доверба на луѓе кои што започнале од УМС како пратеници, градоначалници и така натаму“, посочи таа.