Стојаноска: Власта заглави во својата неспособност, активната блокада продолжува додека не се одржи лидерска средба

Оваа власт го депримира народот, го пикна зад врати дома, уплашен, обесхрабрен, едноставно нема волја да се бори за својот живот и овие од власта си земаа толкав замав што мислат дека се несовладливи и никој ништо не им може, но самите заглавија во својата неспособност, истакна Дафина Стојаноска, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во гостување во утринска емисија на радио „Лидер“.

Стојаноска додаде дека граѓаните треба да се охрабрат и да си ги бараат своите права. Еве и таа како личност но и како политичарка, еве и партијата ВМРО-ДПМНЕ исто така даде поддршка на штрајкувачите од областа на образованието, труд и социјала. Значи народот треба да се охрабри.

Во текот на своето гостување Стојаноска потсети и на криминалите и злоупотребите на власта еден од примерите беше и 33-те милиони евра за компаниите „Гама“ и „Макпетрол“.

„Од државата се црпеа 33 милиони евра предминатиот декември за Гама и Макпетрол. За 33 милиони евра ние до осум часот сабајле и преку ноќта седевме за народни пари. И тоа беше случај судски спор да го реши Собрание. Не апсурди, не преседани, значи ние имаме класични кршења на закони од страна на оваа Влада“, потсети Стојаноска.

„За оваа активна блокада на ВМРО-ДПМНЕ треба да е загрижен Ковачевски, бидејќи во Парламентот нема да му помине ништо“, рече Стојаноска.

Посочи дека излез од оваа ситуација во која што се наоѓаат граѓаните на Македонија се избори. Треба веќе еднаш да се стави крај на криминалот, корупцијата која што секој ден ја има поради власта.

„Претседателот Мицкоски мислам дека даде еден коректен временски период за Ковачевски да прифати, тоа беше до 10-ти мај. Но не се прифати од страна на Ковачевски. И почнуваме со активна блокада. Но, ако е тој со цврст став ние продолжуваме со блокадата. Еве, вчера цел ден не успеаја Дневен ред да усвојат“, појасни Стојаноска.