Стојаноски: Обвинителите треба веднаш да постапат по аферата поврзана со надзор на изградбата на Коридорите 8 и 10Д – во спротивно ќе треба да објаснат зошто молчеле за скандалите поврзани со Груби и Ковачевски

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ во гостување на емисијата „Заспиј ако можеш“ што се емитува на телевизија Алфа, посочи дека со вицепремиерот Артан Груби се поврзани неколку скандали објавени во јавноста.

„Со Груби е поврзано купување на дуќан во центарот на Скопје за многу пониска цена од пазарната, потоа отуѓување на хотел на Попова Шапка и доаѓаме до третиот скандал поврзан со фирмата, луѓето кои треба да прават надзор на фирмата која ќе ги изведува Коридорот 8 и Коридорот 10Д“, рече Стојаноски укажувајќи дека и во наредниот период ќе следат скандали поврзани со вицепремиерот.

„А, токму тој е човекот кој ја води Владата, а другите се неми послушници“, дополни Стојаноски кој рече дека не може да се очекува ништо од премиер „кој што и да направи Груби потврдува“.

Според Стојаноски крајно време е надлежните институции да реагираат за сите афери. Но, вели тој, како да се очекува Ислам Абази кој е обвинител за гонење на организиран криминал да почне постапки, а е близок со врвот на ДУИ.

Осврнувајќи се на последниот скандал со надзорот на изградбата на Коридор 8 и Коридор 10Д, Стојаноски укажа дека ВМРО-ДПМНЕ сака сите документи да ги приложи на јавноста. Исто така рече тој, јавното обвинителство го повикавме да реагира и да отвори истрага за конзорциумот ИРД – Ептиса – Електра Солушн – Евро Консталтинг.

„Еден ден обвинителите ќе треба да одговорат зошто не постапувале по одредени предмети и ќе треба да објаснат зошто молчеле“, рече Стојаноски.

Стојаноски истакна дека последниот скандал е школски пример како се мести тендер.

„Најголемиот дел од парите одат кај Електра Солушн која вади лиценца во сред јавен повик. Електра Солушн која поднесува барање за издавање на лиценца за надзор по отворање на повикот за прибирање на понуди и добива лиценца во тек на јавниот повик. Оваа фирма Електра Солушн ќе земе 8.2 милиони евра од тендерот од 22 милиони евра“, рече Стојаноски.

Стојаноски објасни дека во целата постапка надзорот е најважен, бидејќи на основа на надзорот се ефектуираат фактурите, колку треба да се плати.