Предложениот Буџет е историски најголем, нереален, неразвоен, со многу непродуктивни трошења, ќе трошиме пари кои ги немаме, а граѓаните се оставени сами на себе затоа што Владата не предвидела пари за справување со последиците од енергетската криза.Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на денешната седница на Собранието на која се аргументира Буџетот на државата, истакна дека
„Ова е документ којшто ја докажува целата неспособност на Владата, нешто кои и самите граѓани ви го испратија како порака на локалните избори со жестокиот пораз, со кој комплетно ја делегитимираа оваа и така загубена влада. Историски највисок, нереален, неразвоен со многу непродуктивни трошења“, рече Стојаноски.
Рече дека во овој Буџет Владата не предвидела пари за справување со последиците од енергетската криза, која долго време ја игнорира, а граѓаните се оставени сами на себе.
„Ова е Буџет со висок буџетски дефицит од 4,3% или 545 милиони евра, кој ќе донесе рекорден јавниот долг од 65,9% од БДП. Во прашање се доведува фискалната одржливост, односно дали државата ќе може да ги плаќа обврските. Од даноци државата планира да собере повеќе од половина од парите, или 2,2 милијарди евра, или 15,7% повеќе од 2021 година од кој најмногу од данокот на додадена вредност. Од ДДВ планирани се да се наплатат над 1 милијарда евра, што е за прв пат приходите од овој данок да ја надминат психолошката граница од 1 милијарда евра. Во проста бројка 140 милиони евра повеќе од планот за 2021 година“, критикуваше Стојаноски.
Додаде дека тука се поставува прашањето што толку многу ќе се троши во следната година. Од Владата во Буџетот не даваат конкретно образложение на што ги темелат ваквите оптимистички бројки за ДДВ-то, туку само нагласуваат дека во структурата на планираните даночни приходи најголемо учество има данокот на додадена вредност и тоа 45,6%.
„Владата планира да го зголеми приходот од казни за 9,5% или да собере по овој основ 195 милиони денари повеќе од минатата година. Инспекции, арач и казни. Она што е карактеристично и што е доказ колку е всушност тотално нереален овој буџет и дека е креиран на тотално погрешни основи е фактот што приходите во овој буџет се намалени за 2,4% или 6.920.000.000 милиони денари споредено со 2021 година која скоро половина беше со рестрикции и намалено движење, а е најголемиот буџет досега. Ќе трошиме пари што ги немаме. За 2022 Министерството за финансии очекува раст на БДП од 4,6% -Лага – Во изминатите пет години од Владеење на СДСМ растот на БДП никогаш не надминал 4%. Притоа, нејасно е како ќе се оствари овој раст во услови на големи проблеми во светот со синџирите на снабдување, енергетска криза како и сеуште присутната здравствена – економска криза“, аргументираше Стојаноски.
Пратеникот критикуваше дека Владата одобрила за себе расходи од 4,43 милијарди евра, што е за 59 милиони евра повеќе од ребалансираниот буџет за оваа година, и го прави Буџетот за 2022 година убедливо најгломазен во историјата на земјава.За тековни расходи ќе отидат дури 3,8 милијарди евра. Во нив значаен дел земаат трошоците за платите,1.284.000.000 денари повеќе од 2021 година;
„За договорни услуги ќе се потрошат 1.304.000.000 денари повеќе, за трансфер до НВО 31.000.000 милиони денари повеќе, ќе се набави мебел за 24.000.000 денари повеќе споредено со Буџетот 2021 година или 28,4% повеќе, а ќе се набават нови возила за 212.000.000 денари повеќе или фантастични 174,6%, во услови кога имаме зголемена инфлација, сиромаштија, здраствена, економска и енергетска криза;
Огромна сума или близу половина од целиот Буџет оди за социјалните трансфери. Оваа расходна ставка со буџетот за 2022 година ја надминува психолошката граница од 2 милијарди евра и ќе тежи 2,024 милијарди евра, што е зголемување за 30 милиони евра во однос на ребалансираниот буџет, факт што ги руши розевите лаги на власта и што директно укажува на тоа дека сиромаштијата непрекинато расте“, посочи пратеникот Стојаноски од собраниската говорница.