Стојаноски: СДСМ не смее да го осуди недоличното однесување на Џафери, бидејќи знаат дека ќе им падне владата

Нема понижување кое СДСМ нема да го преземе на својот грб како терет само за останат на власт. Не смеат, еве пак ќе кажам не смеат да го кажат тоа пред јавноста, да го осудат тоа срамно однесување, недостоинствено, особено за некој со таква функција, затоа што ќе им падне Владата, затоа што во оваа Влада ДУИ се тие коишто ги држат конците за жал а СДСМ е само нем набљудувач, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски во емисијата Што не е јасно на телевизија Алфа за скандалот каде собранискиот спикер Талат Џафери со навредливи зборови им се обраќа на собраниските службеници.

Тој истакна дека е апсурдно тоа што премиерот Ковачевски поставува прашања околу автентичноста на скандалозното видео, посочувајќи дека пратеници и вработени биле во салата и се понудиле да сведочат за настанот.

-Утредента или ден потоа не се сеќавам точно не ме држете за збор, видовме како отиде Ковачевски седнат помеѓу Ахмети и Џафери во Чаир на стадион да ја слави титулата на Шкупи и како очекуваме тој човек да каже или да го осуди тоа однесување. Со ова СДСМ само го зема срамот на однесувањето на Џафери на свој грб и ќе тераат вака и ќе се прават дека при очи не виделе и дека при уши не слушнале се до оној момент додека ДУИ се партијата што одлучува дали СДСМ ќе продолжи да биде на власт или не, посочи Стојаноски.

Стојаноски нагласи дека се обидуваат целиот скандал да го заташкаат, додавајќи дека ова не е прв пат претседателот на Собранието да се однесува недолично и со навредливи зборови, како и дека самиот чин е срам за државата.

-Бегаа од медиуми, пробуваат тоа да го заташкаат на некој начин тоа да се заборави, но јас видов на слика човекот бил во Бундестаг и се надевам дека таму немало некој вработен, знаејќи го неговиот нарав, не можам да го коментирам едноставно по тоа што го видов се срамам дека работам таму искрено да ви кажам, ништо друго не би можел да кажам ниту како заклучок да произнесам, но еве повторно ќе повторам таквото однесување не е прв пат, особено човекот знае многу пати така да изреагира, но се надевам дека овој пат ќе се изврши сериозен притисок пред се од медиумите, ги повикувам синдикатите да излезат во одбрана на нивниот вработен затоа што човекот сеуште работи таму и трпи сериозни притисоци, сите собраниски служби од тој момент наваму трпат сериозни притисоци, дајте да направиме поголеми притисоци човеков да даде оставка затоа што ова едноставно не е нормално. Се срамиме како држава, рече Стојаноски.