Советот на јавните обвинители на Република Македонија денеска за јавни обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија ги избрал јавните обвинители Валентина Стојановска и Златко Биковски, а за јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избрани јавните обвинители Искра Хаџи Василева и Фатон Азизи.
Како што соопштуваат од СЈОРМ, за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола е избран јавниот обвинител Антонио Јолевски, а за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Скопје е избрана јавната обвинителка Наташа Крстева Цалева.
Понатаму на денешната, трета седница, како што дополнуваат од СЈОРМ, се донела одлука за мирување на функцијата јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола на Ирина Трајкоска Стрезоски поради избор за директор на Академијата за судии и јавни обвинители и се донела одлука за номинирање на членот на Советот – Зорица Павловиќ за заменик член на Етичкиот совет на јавни обвинители.