Околу личните карти, односно дебатата дали ќе има етничка припадност, Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ вечерва во „Клик плус“ на ТВ21 истакна дека ќе поддржат да има етничка припадност, поради неколку причини.
„Ние бараме да нема промена на името на Република Македонија, и другото прашање е да стои националност Македонска. Иако сме свесни дека во Европа нема каде во лична карта стои националности“, рече Стојановска и објасни зошто е тоа барање:
„Токму поради договорите со Грција и со Бугарија, македонскиот народ не може да се сретне со придавката македонски. Едноставно забрануваат примена. Поради повредено национално чувство на македонскиот народ во својата матична држава, поради тоа би се согласиле, слушајќи го македонскиот народ, нека стои македонец како националност“, вели Стојановска.
Пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ рече дека и премиерот Заев потврдил дека ова бил коалиционен договор со БЕСА.
„Самиот Заев потрвди дека е договор со БЕСА. Ова е тоа што им го ветиле пред изборите. И сега што прават? Сега БЕСА го носи предлогот на законот. Сега не СДСМ, туку Левица бомбардира со амандмани, и тоа ќе се заклучи, а СДСМ ќе има оправдување“, истакна Стојановска.