Сто илјади долари годишно за професионален дегустатор на бонбони

Примамлива деловна понуда објави „Candy Funhouse“, канадско претпријатие за продажба на слатки преку интернет којашто бара нов „главен слаткар“ кој од својата фотелја ќе дегустира повеќе од 3.500 бонбони месечно за годишна плата од 100.000 канадски долари.

Неговата работа ќе биде „да ја води слаткарската политика“ на претпријатието и да ги насочува „тројцата ‘бонбонолози’“ коишто веќе се ангажирани.

„На почетокот од годината баравме бонбонолози, дегустатори на оригинални вкусови. Сега бараме главен слаткар кој ќе ги води нашите бонбонолози“, рекла за AFP Ванеса Јанакиевски-Рабело, портпаролка на „Candy Funhouse“.

На конкурсот може да се јават сите коишто живеат во Северна Америка и имаат најмалку пет години. Покрај тоа, треба да го „сакаат слаткото“, се додава во огласот.

Од „Candy Funhouse“ наведуваат дека за два месеца примиле повеќе од 100.000 пријави. Повеќе се јавувале возрасни, но околу 25 отсто биле деца, додала портпаролката.

По изборот новиот вработен ќе мини „забрзан курс за дегустација“ и ,секако, ќе има целосно осигурување за стоматолошки услуги.