Стојкоски: Ѓорче Петров заглавено во долгови, претходниот градоначалник оставил долг од околу два милиона евра

Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, на прашање од КУРИР дали општина е заглавена во долгови, вели дека за жал општинските долгови се многу големи.

„За жал, општинските долгови се многу големи, она што со пресекот го добив баш денеска до 31 октомври долгот изнесува 139 милиони денари ненаплатени парични побарувања и тоа е голема сума на пари, негде над 2 милиони евра, а дополнително имаме скоро толкава сума на пари во однос на склучени договори, меѓутоа тоа ќе зависи како ќе се реализираат во понатамошниот дел од буџетската година“, вели Стојкоски.

Додава дека овој долг очекува да стигне некаде и до 180 милиони денари до крајот на годината.

„Дополнително на тоа имаме и четири кредити дел од нив завршуваат наредната година, а дел започнуваат после период од една до две години, така да финансиската ситуација во општината за жал не ни е сјајна и ќе треба тука да се однесуваме многу подомаќински и поодговорно“, вели Стојкоски.