Стојкова Серафимовска: Дишеме загаден воздух, а власта постојано ги одбива амандманите за решавање на проблемите со аерозагадувањето

Има доста материјал што било ветено во 2016 и 2020 од СДСМ на избори, СДСМ и ДУИ ја имаа претходно власта и на локално ниво и сега не може за една година да велат дека ВМРО-ДПМНЕ е виновно за загадениот воздух. Ние континуирано дишеме загаден воздух во Скопје и во други градови, тука има институционална одговорност, а на институциите им требаат закони. Ако не се донесени тие или се лоши, по автоматизам и континуитетот на загадувањето продолжува, изјави за Анализа на ТВ24 пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова Серафимовска.

Таа истакна дека Собранието треба да овозможи законски решенија и механизми кои локалната власт треба да ги имплементира.

– Ние сме таму за да бидеме гласноговорници за потребите на народот и уште од самото основање на интерпарламентарната еко група почнавме со интензивна соработка, вклучени се 35 невладини од цела Македонија и заедно ги работиме предлозите за амандмани, тие може секој да ги потпише, но за жал само пратениците од опозиција ги потпишуваат тие амандмани, и не се гласаат бидејќи се знае кое е мнозинството во Собрание, односно СДСМ и ДУИ, рече Серафимовска Стојкова.

Таа посочи дека оваа година ниту еден амандман не е прифатен, а беа со скромни суми за да се решат проблемите со аерозагадувањето

– Секоја година се повторуваат и не се прифаќаат од страна на власта. Во однос на законските регулативи што се случува со Законот за комунална полиција, најавуван и во програмата, започнаа со реторика и нема ништо. Станува збор за комунална полиција која би ги детектирала овие загадувања на локално ниво, но законот го нема. Во 2018 имало и јавна расправа за загадувањето и во заклучоците е тоа и сепак го нема, истакна Стојкова Серафимовска.