Не е нешто катастрофично, ќе рече пред речиси еден месец министерката за култура, Ирена Стефоска, воедно и Претседател на Националната комисија на УНЕСКО за Македонија. Истата министерка која во своето обраќање при стапувањето на функција изјави дека нејзиниот фокус ќе биде заштитата на културното наследство. Сепак, после шест месеци владеење и во министерството за култура се покажа континуитетот на некадарноста на СДСМ што секојдневно се одразува во се поголемите проблеми во културата, особено во културното наследство, рече на прес-конференција Велика Стојкова Серафимовска.
„Не е нешто катастрофично министерке но на македонски јазик состојбата е катастрофална. Катастрофален е извештајот на Реактивната мисија на УНЕСКО за состојбата на Охрид и Охридскиот регион чие културно и природно наследство наскоро ќе се најде на листата на светско наследство во опасност, листа која е предвидена како инструмент кој се активира кога доброто е под закана од уништување на неговата исклучителна универзална вредност во случај на вооружен конфликт или војна, земјотрес и/или други природни катастрофи, загадување, вандализирање и ограбување и неконтролирано менаџирање. Катастрофален е фактот дека Охридскиот регион е загрозен само и единствено од неспособно и корумпирано менаџирање. За ова наскоро ќе биде известена и целата меѓународна заедница, што претставува и дополнителен катастрофален срам за сите нас. Срамот и катастрофата пред УНЕСКО продолжува и со предлог досието за впишување на црквата Свети Ѓорѓи од Курбиново на листата на светско наследство на УНЕСКО, досие за чија содржина веќе реагираа врвни експерти од оваа област кои и фактографски и терминолошки досието го оценија како аматерско и нерелевантно. Катастрофална е и состојбата со манастирот Света Богородица во с. Матејче, катастрофална е состојбата со Скопскиот Аквадукт, но и состојбата на Скопското Кале чии ѕидини се рушат на само 300 метри од Националниот конзерваторски центар“, истакна Стојкова Серафимовска.
Катастрофална е и состојбата со археолошките локалитети Била Зора и Бергала, а алармантно катастрофална е и состојбата на старите мостови на Кратовска река, и покрај тоа што од 2014 година Старото градско јадро на Кратово со закон е прогласено за културно наследство од особено значење, потенцираше таа.
„Катастрофален е и фактот дека веќе три години не е во функција единствениот регистер на заштитено културно наследство чија активност е обврска кон меѓународните институции како УНЕСКО. Катастрофална е и последната предлог категоризација на фолклорот и фолклорните здруженија и ансамбли во Македонија направена крајно студентски, аматерски, централизирано и со лични желби и замисли со која и фолклорот ќе стане жртва на нетранспарентноста и непрофесионалноста. Катастрофа е што и оваа предлог категоризација е поддржана само од директори на оваа влада, но не и од експерти од соодветната област. Најголема катастрофа е тоа што и покрај овие факти, Министерството за култура предлага измени во Законот за заштита на културното наследство со кој се намалуваат глобите за културното наследство и се намалуваат ингеренциите на соодветно обучените експерти во оваа исклучително значајна област за зачувување на културниот идентитет“, изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ.
Почитувани граѓани, состојбата со културното наследство е катастрофална исто како и во сите други сектори од нашето општество владеени од оваа патолошки неспособна влада, додаде таа.