Што може да се очекува од самитот на двете Кореи?

Севернокорејскиот водач Ким Џонг-ун и јужнокорејскиот претседател Мун Јае-ин во петокот во Пумнунџом, ткн „село на примирјето“, во Демилитаризираната зона на границата меѓу двете држави, ќе го одржат историскиот состанок.

Средбата на врвот доаѓа откако од почетокот на годинава Ким Џонг-ун повлече неколку неочекувани дипломатски потези и по ланските тензии околу нуклеарните проби и тестирањата на интерконтиненталните балистички проектили кои ја достигнаа точката на вриења, најавувајќи и можен воен судир, се сврти за 180 степени. Така, пред почетокот на самитот се поставуваат четири клучни прашања: За што ќе се разговара на средбата меѓу Ким и Мун, дали севернокорејскиот лидер ќе се откаже од развојот на програмата за нуклеарно вооружување, што Пјонгјанг воопшто очекува дека ќе постигне и што овој самит значи за САД.

Претставник на севернокорејската влада за западните агенции претходно потврди дека двете страни сакаат да разговараат за мировниот договор со што Корејската војна, водена од 1950 и 1953 година, и официјално да заврши. Имено, во 1953-та потпишано се само примирје, а не и сеопфатен мировен договор. Јужна Кореја, како и нејзиниот главен сојузник САД, пак, настојуваат пред тоа Северна Кореја дека мора да се откаже од програмата за развој на нуклеарното оружје. Веројатно Сеул ќе бара и спојување на семејствата раздвоени со војната.

Мун, иако е оптимист во однос на меѓукорејскиот самит, сепак порачува дека денуклеаризацијата и морот на Корејскиот полуостров се долгорочни цели. „Мислам дека сѐ не може одеднаш да биде решено“, рече јужнокорејскиот челник.

Ова ќе биде само третата средба на челниците на двете Кореи во 65-те години по завршувањето на Корејската војна и поделбата на полуостровот.

 

Што сака Ким?

Ким една седмица пред корејскиот самит, а во исчекување на потврдување на евентуалниот состанок со американскиот претседател Доналд Трамп, најави запирање на тестирањата на балистичките проектили со долг дострел и затворање на локациите за нуклеарни проби, а според агенцијата Bloomberg, на јужнокорејската делегација којашто престојуваше неодамна во Пјонгјанг и порачал дека на САД им нуди инспекција на нуклеарниот полигон. Сеул и Вашингтон ја поздравија одлуката на севернокорејскиот челник како „голем напредок“ кој може да создаде „позитивна атмосфера за успех“ на самитот. Трамп на социјалната мрежа објави дека тоа е „одлична вест за Северна Кореја и за светот“.

Меѓутоа, со ваквата порака Пјонгјанг не потврди дека е подготвен да се откаже од својот постоечки нуклеарен арсенал. Ким едноставно рече дека тестирањата и пробите повеќе не се потребни „имајќи предвид дека работата на монтирањето на нуклеарните боеви глави на балистичките проектили е завршена“. Северна Кореја пред само неколку месеци објави дека станала „нуклеарна сила“ којашто има моќ за одвраќање на непријателот и возвраќање на првиот удар. Ким е многу горд што ја завршил севернокорејската нуклеарна програма и покрај сѐ поострите меѓународни санкции, во веќе шести по ред, и поединечните од САД, па оттаму не е реално да се очекува многу лесно и евтино да се откаже од неа. Попрво, токму потпирајќи се на неа, Ким сака да се претстави како рамноправен соговорник на челниците на Јужна Кореја и САД.

Нуклеарната програма, како што самиот Ким ја опиша, е „моќниот драгоцен меч“, односно голем влог на преговарачката маса. Аналитичарите на состојбите на Корејскиот полуостров, честопати годиниве ја истакнуваа Либија, како пример кој Ким наводно многу внимателно го проучувал. Имено, откако поранешниот егзекутиран либиски водач Моамер ел-Гадафи се откажа од сопствените нуклеарни амбиции, неговата власт се урна. Западните земји од НАТО ја започнаа операцијата за уривање на деценискиот автократ без никаква закана од неговата воена моќ. А Ким е многу млад и најверојатно ниту на сон не помислува да се откаже од досегашниот модел на управување со својата земја, којашто ја воспоставија неговиот дедо, а подоцна и татко му.

Аналитичарите во бројните опсервации деновиве признаваат дека всушност не можат да разберат, ниту да дадат веродостоен одговор на прашањето што Ким очекува од самитот со Мун, а подоцна и евентуално со Трамп. Се чини дека во прв ред Ким би сакал да го осигури зачувувањето на својата династија и да го добие признанието дека неговата земја е нуклеарна сила и респектабилен преговарачки партнер. Всушност тоа би бил обид да се издејствуваат безбедносни гаранции.

Неговата второстепена цел од овие средби би била укинување на санкциите за Северна Кореја. Ким Џонг-ун точно пред една седмица објави дека Пјонгјанг ќе ги суспендира нуклеарните и ракетни тестирања, како и дека ќе ги запре нуклеарните проби на полигонот во северниот дел од земјата „во настојувањата да ги продолжи економскиот раст“ на земјата и да го сочува мирот на Корејскиот полуостров.

 

Што самитот им значи на САД?

Трамп се согласи на средба со Ким која би требало да се одржи кон крајот на мај или на почетокот од јуни. Американскиот претседател Доналд Трамп ги потврди медиумските извештаи дека директорот на Централната разузнавачка агенција (CIA), Мајк Помпео, кој ден пред Корејскиот самит беше потврден од Конгресот за државен секретар, пред две седмици лично се сретнал со севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун. На Twitter објави и дека „Средбата протече мазно и воспоставен е добар однос. Сега се разработуваат поединости за самитот. Денуклеаризацијата ќе биде голема работа за светот, но и за Северна Кореја“. Помпео, нов шеф на американската дипломатија по заминувањето на Рекс Тилерсон од таа должност во март кој инсистираше на преговори со Пјонгјанг наместо воинствена реторика, своевремено изјави дека нуклеарната програма на Пјонгјанг е најлошата безбедноста закана со којашто во моментов се соочени САД.

Успешниот состанок на врвот со Јужна Кореја, особено доколку донесе конкретни резултати, би можел да ја зајакне преговарачката позиција на Ким во пресрет на средбата со Трамп. Самиот факт што Трамп воопшто има наклоност да се сретне со Ким, а што го напомна уште пред почетокот на жестоката вербална пресметка со севернокорејскиот челник, многумина ја гледаат како пресудна пропагандна победа на Пјонгјанг. Особено поради тоа што ниту еден досегашен американски претседател, и покрај некои обиди, никогаш не се сретнал со водач на Северна Кореја.

Аналитичарите, и покрај тоа што само до неодамна изразуваа силно сомневање во можноста Северна Кореја да дојде до нуклеарно оружје и погони за интерконтинентални проектили кои може да достигнат цели на американскиот континент, сега сметаат дека Ким сега „благодарејќи на својата успешна нуклеарна програма, сега може рамноправно да преговара за мировниот договор со САД“, како што оцени Хартмут Косчик, експерт за Северна Кореја.

 

Прв самит јужно од границата

Овој меѓукорејски самит е биде првиот кој ќе се случи јужно од границата, по средбите во Пјонгајнг во 2000 и во 2007 година. Ќе се одржи во „Куќата на мирот“, здание од бетон и стакло, чијшто назив заедно со вториот „Куќата на слободата“ предизвикува гнев кај северните Корејци. Тамошните жители за своите сонародници на Југот сметаат дека само мислат дека добиле слобода и мир, а ги обвинуваат САД дека всушност го поделиле Полуостровот и стојат на патот на мирот.

Средбата на Мун и Ким претставува драматичен дипломатски пресврт започнат во текот на одржувањето на Зимските олимписки игри во јужнокорејски Пјонгчанг, каде што присуствуваше висока делегација на Северот во која беше и Ким Јо-џонг, помладата сестра на севернокорејскиот челник Ким Џонг-ун којашто станува сѐ повлијателна во врвот на власта во Пјонгјанг. Светот изминатите месеци стравуваше дека тензиите ќе ескалираат во воен судир, но сега откако планетата здивна ќе мора да се надвладеат децениите недоверба и смртни непријателства.

Северна Кореја официјално смета дека е победник во судирот кој го нарекува Голема татковинска ослободителна војна. Набрзо откако ја презема должноста Ким Џонг-ун во 2012 година ја посети Демилитаризираната зона повод по кој е поставена спомен плоча во чест на „големиот урок дека станува збор за историско место каде што американските освојувачи потклекнаа пред нашиот народ за да потпишат капитулација“.

Од другата страна на линијата американски војник ги предупредува туристите во една од сините куќарки да не им минуваат на војниците зад грб, бидејќи автоматски се отвораат вратите кои водат директно Северна Кореја. Всушност, оние во најоддалечениот дел од собата на куќарката се наоѓаат на севернокорејска територија. Во оваа соба, каде што е поставена прастара столица над линијата на демаркација, границата може да се преминува, но надвор од неа каде бетонските препреки ги раздвојуваат двете земји, секој погрешен чекор може да се сфати како сериозна провокација и да предизвика несакана реакција.

Демилитаризираната зона (ДМЗ) беше сцена на бројни драматични настани, а последниот беше бегството на севернокорејскиот војник на јужната страна во ноември минатата 2017 година. Кога почнал да бега, неговите колеги по него истрелале 40 куршуми во настојувањата да ги убијат, но сепак куртули.

Во една од зградите на северната страна од ДМЗ се изложени секири користени во инцидентот во 1976 година. Севернокорејските војници на ретките странските новински екипи им кажуваат дека „со голи раце“ можат да ги сомелат американските, и го опишуваат инцидентот кога таа година војниците на Северот им ги преземале секирите. Велат дека единствената мисла им е да ги истераат Американците од Југот и да ја обединат земјата.

А од другата страна на линијата непријателите се гледаат лице в лице секој ден. Јужнокорејските војници се внимателно избирани според ликот и височината, и со неизбежните авијатичарски очила за сонце стражарат пред сините куќички во Заедничката безбедноста област (JSA) во Панминџом, само неколку метри од севернокорејските позиции.

Ова „село на примирјето“ е честа туристичка дестинација од двете страни на границата, а како симболичен знак дека Југот ќе го бранат од нуклеарно вооружениот Север, Панмуџом редовно го посетуваат и американските претседатели.

И американската безбедносна патрола ги потсетува посетителите на инцидентот од 1976-та, кога двајца американски војници со нивниот алата – секири биле „брутално смртно исечени“ кога се обиделе да отсечат гранки кои наводно го попречувале погледот на командната точка на силите на ОН.

Станувало збор за 30-метарска топола којашто требало да ја искастрат јужнокорејски и офицери на ОН кој ги предводеле американскиот капетан Артур Бонифас и првиот поручник Марк Барет. Севернокорејците ги убиле бидејќи според нив тоа дрво го засадил основачот на комунистичката земја и првиот од владејачката династија Ким Ил-сунг, а од бруталниот напад ОН поседуваат и снимка.

А овој интерес ја покренал најскапата операција на сеча на дрво во историјата, Во спектакуларната американска претстава на демонстрација на моќ учествувале 813 војници, 23 борбени возила, 27 хеликоптери, неколку бомбардери „ B-52 Stratofortress“, додека крај брегот патролирал американски носач на авиони.