Светската трговска организација, СТО, предвидува нагло забавување на растот на глобалната трговија следната година, бидејќи зголемувањето на цените на енергијата, на каматните стапки и повисоките цени на храната и вештачките ѓубрива ја намалуваат побарувачката за увоз.
Организацијата со седиште во Женева денеска соопшти дека трговијата со стоки ќе порасне за 3,5 отсто оваа година, во однос на априлската проценка од 3,0 отсто, додека прогнозираше раст на трговијата од само 1 отсто во 2023 година, што е значително под претходните прогнози од 3,4 отсто, пренесува Ројтерс.
СТО соопшти дека има значителна несигурност за нејзините прогнози, поради што понуди алтернативна проценка за растот на трговијата во опсег од 2,0 до 4,9 проценти за оваа година и минус 2,8 до 4,6 проценти за 2023 година.
Генералниот директор на СТО, Нгози Оконџо-Ивеила, предупреди на опасноста од прибегнување кон трговски ограничувања за да се заштитат економиите од ранливости во синџирот на снабдување.
„Ограничувањата во глобалните синџири на снабдување само би ги продлабочиле инфлаторните притисоци, што би довело до забавување на економскиот раст и пад на животниот стандард со текот на времето“, рече таа во изјавата. Додаде дека на светот му треба поразновидна основа за производство на стоки и услуги, што треба да го поттикне растот, да ја зголеми отпорноста и да ја подобри долгорочната стабилност на цените преку ублажување на изложеноста на екстремни временски услови и локални нарушувања.