Активностите што се спроведуваа во рамки на Програмата за заштита на културното наследство ги реализираа стручни екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид.
Притоа се дооткриени градежни структури на еден објект од османлиското средновековие, делови од калдрма со интензивен слој од остатоци од согорување. Евидентиран е богат движен археолошки материјал кој се состои од керамика, монети, делови од оружје, орудија и др.
Пишаните историски извори, преданијата и откриениот движен и недвижен археолошки материјал потврдуваат дека на истражениот простор постоел селамлак на Џеладин-бег, кој бил подигнат во 1808 година, а опожарен околу 1838 година.
Стручни екипи на Заводот и музеј од Охрид ги завршија и активностите за конзерваторско-реставраторски работи на комплексот „Горна порта“. Со проектот, за чија реализација се издвоени речиси девет милиони денари, со акцент на извршување максимални конзерваторски работи и реконструкција на бедемското платно, се спречуваат од понатамошно пропаѓање ѕидовите од подградието на Самоиловата тврдина.
Овие активности претставуваат дел од поголем проект почнат уште во 2001 година.