Стогодишниот Кисинџер во Кина се сретна со министерот за одбрана

Соедините држави би требало разумно и стратешки да им пристапат на односите со Кина, изјави во вторникот кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу на средбата со ветеранот и долгогодишниот креатор на американската дипломатија 100-годишниот Хенри Кисинџер во Пекинг.

Кина е доследна во градењето на стабилни, предвидливи и консктруктивни кинеско-американски односи и се надева дека САД ќе соработуваат со неа во поттикнувањето на здравиот развој на врски меѓу двојските на двете земји, го цитираше кинеското министерство за одбрана Ли Шангфу.

Министерот Ли го посочил тоа по неодамнешните посети на високите американски функционери на Кина, вклучително и американскиот државен секретар Ентони Блинкен и министерката за финансии Џенет Јелен, чијашто цел беше да се намалат тензиите меѓу двата големи ривала во Азископацифичкиот регион и на глобалниот пазар.

Инаку, кон крајот на мај Кина го одби барањето на САД за средба на министрите за одбрана на двете суперсили на годишниот безбедносен форум кој се одржа во Сингапур. Претходно, американското Министерство за одбрана разговарало за покренување разговори меѓу министерот Лојд Остин и неговиот кинески колега Ли Шангфу кој во март беше именуван на должноста и веќе на почетокот од април првата своја посета на странство како министер ја имаше во Москва.

Разговорот на Ли со Кисинџер доаѓа во периодот кога кинеско-американскиот дијалог за безбедносните прашања на високо ниво сѐ уште е замрзнат и кога Кина им возвраќа на САД во интензивните воени распоредувања ширум источна Азија.

Министерот Ли на средбата со Кисинџер рекол дека „некои луѓе од американската страна не успеале да се придвижат во иста насока како и кинеската страна, што резултираше со тоа односите Кина – САД да останат на ниско ниво“, според соопштението на кинеското Министерство за одбрана во коешто се истакнува дека Пекинг „отсекогаш е доследен во градењето стабилни, предвидливи и конструктивни кинеско-американски односи“.

„САД и Кина би требало да ги отстранат недоразбирањата, мирно да коегзистираат и да ги избегнуваат судирите. Историјата и практиката повторно докажаа дека ниту САД, ниту Кина не може да си дозволат кон другата страна да се однесуваат како кон ривал“, рекол Кисинџер.

Во својата долгогодишна политичка кариера Хенри Кисинџер беше американски државен секретар и советник за национална безбедност во администрацијата на претседателите Ричард Никсон и Џералд Форд. Играше клучна дипломатска улога во нормализацијата на односите меѓу Вашингтон и Пекинг во 1970-те години.