Комисијата за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ денеска сподели статус на својот Фејсбук профил пишувајќи дека СДСМ донел закон за легализација на грабежот на државниот имот и легализација на крупниот капитал на урбаната мафија.
Став на комисијата за донесениот закон од страна на СДСМ:
ЗАКОН ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА ГРАБЕЖОТ НА ДРЖАВНИОТ ИМОТ И ЛЕГАЛИЗАЦИЈА НА КРУПНИОТ КАПИТАЛ НА УРБАНАТА МАФИЈА
Владата до Собранието достави потполно нов закон за легализација на бесправно изградени објекти со кој врши класичен грабеж на државниот имот, се стимулира и понатамошното градење на диво, ја штити урбаната мафија и ги крши уставните начела за еднаквост на граѓаните пред уставот и законот.
Владата на СДСМ со давањето на можноста на операторите да ја легализираат кабловската канализација која е градена од страна на државата во периодот од 1945-2000 година, врши бесправно раскрчмување на државниот имот и нанесува огромни штети на државниот буџет. За потсетување кабловската канализација не е продадена со приватизацијата на економските оператори и во Законот за легализација на бесправно изградените објекти од 2011 е изземена од легализирање. Кабловската канализација во сите западноевропски земји е во државна сопственост и е извор на приходи за нејзиното изнајмување било на општините или на државата.
За од грабежот да се изземе Министерот за транспорт и врски и премиерот, во Законот предвиделе одговорен да биде директорот на Агенцијата за катастар на недвижности. Имено, по 3 годишно комплетно запирање на легализацијата на инфраструктурните објекти од страна на Министерот Сугарески, сега без БЕЗ РЕШЕНИЕ ЗА ЛЕГАЛИЗАЦИЈА само со изјава заверена на нотар односно без никаков правен основ предвиден во Законот за сопственост и други стварни права, Директорот на катастарот директно ќе ги легализира инфраструктурните објекти и кабловската канализација во сопственост на операторите.
Владата на СДСМ во новиот Закон не предвиде ниту еден заштитен механизам од понатамошно незаконско градење, со што директно го стимулира понатамошното градење на диво и ја штити урбаната мафија. Започнувајќи од Хрватска, Србија, Босна, Црна Гора итн, во Законите за легализација задолжително стои врзување на датумот за легализација со ортофото снимка на државата односно во овие држави може да се легализира објект само ако истиот го има на ортофото снимката.
Република Македонија со помош на Норвешката Влада во 2018 година направи нова ортофото снимка, но очигледно дека истата не одговара за колективните згради и објектите кои се градат на диво во изминативе 3 години со амин на општините и државата.
Владата на СДСМ со предложениот закон го прекрши и уставното начело на еднаквост на граѓаните пред уставот и законите. Со законот за легализација од 2011 година на граѓаните им се овозможи легализација на објектите по цена од 1 евро за м2, а сегашниот закон предвидува износ од 150% од комуналиите што се предвидени за соодветното подрачје, на пример ако во Општина Карпош комуналиите изнесуваат 100 евра за м2 сега граѓаните ќе плаќаат 150 евра за м2.
Покрај овие има и многу други незаконитости и нелогичности како на пример легализација на објекти во државна сопственост кои не се функционална целина (алиби за објектите кои нестручно се градат), проекти на статика за веќе изградени објекти, исклучување на целиот Охридско-струшкиот регион од Законот итн, што само укажува дека ова не е закон за легализација каде обичниот граѓанин ќе го легализира кровот над својата глава, ова е Закон за легализација на грабежот на кабловската канализација и Закон за легализација на крупниот капитал стекнат на незаконски начин кој се пере преку бесправно изградените колективни станбени згради а СДСМ сака на урбаната мафија да им го легализира.