Стоилковски: Попис во вакви услови ќе предизвика нов бран на корона, пописот мора да се одложи за септември

Попис во вакви услови ќе предизвика нов бран на корона вирусот истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, запрашан за фалбите на власта за процесот на попишување.

Стоилковски истакна дека додека Македонија се соочува со ужасен бран на корона кризата, власта наместо кон вистинска потрага за вакцини тргна кон фантом фирми за провизии и тргнаа да прават попис!

– Во период кога на дневна база има по 20 жртви, во време кога од немајкаде ставија полициски час, ќе треба незаштитени партиски војници од партиски огласи, да попишуваат домаќинства, ќе одат од дом во дом кај граѓани. Попис во вакви услови ќе предизвика нов бран на корона, потенцира Стоилковски.

Тој нагласи дека токму затоа ВМРО-ДПМНЕ предложи план односно пописот за се одржи во септември, изборите во ноември, а во меѓувреме имунизација на граѓаните и попишувачите.

– Одржување на теренски попис за втора половина на месец септември годинава, веднаш имунизација на население, задолжителна имунизација на попишувачите. Заради здравствените околности, и одложување за еден месец на локалните избори, за ноември годинава, рече Стоилковски.

Во однос на онлајн попишувањето тој нагласи дека главна теза на СДСМ им беше дека за 10 години имало 600.000 иселени, плус дијаспората од претходно, а од сето ова има само 50.000 попишани во овој период, и тоа на апликација која што падна и е проблематична, пробиена и девалвирана од првиот ден.